Ivana Ramadanova
21 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Нема никакво поместување во однос на деблокирањето на институциите, изјави генералниот секретар на СДСМ и пратеник Оливер Спасовски, по завршувањето на денешната Координативна средба меѓу партиите за формирање на Комисијата за избори и менување, јавува Anadolu Agency (AA)
Според Спасовски, на средбата не можело да се договори кој ќе биде назначен како претседател на комисијата, бидејќи како што рече тој, ВМРО ДПМНЕ по секоја цена барала таа функција да ја има член од нивната партија.
„ВМРО-ДПМНЕ ја опструира Македонија. Не сака да функционира Собранието со цел да си ги зачуваат сопствените места. Собранието бира кој ќе биде претседател, кој заменик претседател, а кој ќе бидат членови во комисијата, онака како што е пропишано во деловникот“, рече Спасовски.
По завршивањето на координативната средба, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, изјави дека досега било практика претседател на комисијата за избори и именување да биде од пратеничката група.
Од друга страна, Илија Димовски тврди дека секогаш во историјата најголемата пратеничка група, во моментов по изборите, на ВМРО ДПМНЕ, била на чело на комисијата, а сега СДСМ, како што рече, сакале со сила да го нарушат Деловникот.
„Ние сме подготвени ако има договор уште утре да ги продолжиме процедурите на Собранието. Ако опстојат на одлука да формираат некакво мнозинство и некаква влада без ВМРО-ДПМНЕ треба да се свесни дека тоа носи последици. Следните чекори ќе бидат во насока на зачувување на нацоналните интереси. Доколку некој мисли дека може на сила да постапува треба да е свесен за последиците“, рече Димовски.
Координативната средба меѓу партиите за формирање на Комисијата за избори и менување ќе продолжи утре во 12:00 часот, каде што партиите треба да ги кажат имињата на членовите, а се очекува да биде постигнат и договор за продолжување на конститутивната седница на Собранието.