Abdula Berısha
27 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - По повод 27 Јануари, Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, и 75-годишнината од ослободувањето на логорот Аушвиц-Биркенау, во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) се одржа комеморативна академија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Комеморативната академија започна со минута молчење во чест на жртвите, а на неа присуствуваа претставници на Владата предводени од техничкиот премиер Оливер Спасовски, пратеници, претставници на институции, како и странски дипломати.
Во својот говор, Спасовски го опиша Холокаустот како најголемото злосторство во современата историја на човештвото, потенцирајќи дека оваа трагедија никогаш врз никого не треба да се повтори.
„Одбележувањето на овие годишнини е прилика да се потсетиме на сите жртви на Холокаустот, меѓу нив и на 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип, кои во март и април 1943 година беа депортирани и убиени во логорот на смртта „Треблинка“, трагедија што е длабоко вкоренета во колективната меморија на нашиот народ“, рече Спасовски.
Тој, исто така, изрази посветеност да се бори против антисемитизмот и негирањето на Холокаустот.
Претседателката на еврејската заедница во Македонија, Берта Романо-Николиќ, во својот говор изрази благодарност за посетата и присуството на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на комеморативниот форум што се одржа во Израел.
Таа истакна дека Холокаустот не започнал со концентрационите логори, туку со демонизирање на група луѓе.
„Организиран од германската и бугарската власт, со сточни вагони, се спроведува транспорт со крајна цел Треблинка. Од Треблинка не се враќа ниту еден. Следува најцрниот процент, 98 проценти, највисок водечки процент во Европа на ликвидирани од вкупната еврејска популација на територија според население“, рече Романо-Николиќ.
На комеморативната академија говори имаа и претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, амбасадорот на Шведска, Кристин Форсгрен Бенгсон, и амбасадорот на Полска, Војциех Тицињски.
Со одлука на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации, што датира од 2005 година, 27 јануари е прогласен за Меѓународен ден за комеморација на жртвите на нацистичкиот геноцид, а претставува и заложба за борба против омразата и антисемитизмот во светот.
На 27 јануари 1945 година, војниците на Црвената армија влегоа во логорот „Аушвиц“ и ослободија околу 7.000 луѓе кои уште беа живи.
Во текот на речиси пет години од постоењето на логорот „Аушвиц“, таму беа испратени најмалку 1,1 милион луѓе.