СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, порача дека помалите, немнозински заедници треба да добијат подобар третман од досегашниот, доколку се сака да се гради мултинационална, а не бинационална демократија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) по повод 30 години независност организира дводневен свечен научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година“, на која свое обраќање имаа актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски, поранешните Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов и претставници од кабинетите на првиот и вториот претседател, Киро Глигоров и Борис Трајковски.
Во своето обраќање на научниот собир претседателот Стево Пендаровски задржувајќи се на периодот од 1991 година до денес рече дека во тој период бил современик на историските процеси, близок соработник на двајца претседатели, а во последните 10 години и директен учесник во политичките процеси.
Истакнувајќи дека во овие триесет години сите имале прилика да посведочат дека опстојувањето и просперитетот на независната македонска држава, во голема мерка, зависат од внатрешната инклузивност на сите етнички заедници, Пендаровски рече дека во тој дел, реално е направен огромен исчекор со Рамковниот договор, кој наспроти предвидувањата не ја растури државата, напротив, како што рече, драстично го намалил потенцијалот на екстремните структури кои сакаат нови граници на Балканот.
„20 години подоцна, според мене, дојдено е времето за промена на парадигмите во однос на принципот на инклузивност и тоа по две линии кои не се запишани во договорот од Охрид – првата, етничката припадност да не биде единствениот услов за вработување, втората, помалите, немнозински заедници да добијат далеку подобар третман од досегашниот, под услов да сакаме да градиме мултинационална, а не бинационална демократија“, нагласи претседателот Пендаровски.
Поранешниот претседател Ѓорге Иванов, кој се обрати преку видеоконференција, ги истакна своите ставови против Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија, со кои смета дека се обезличува татковината.
Наведувајќи дека ниту учествувал ниту го потпишал Преспанскиот договор, Иванов рече дека со Договорот со Бугарија се решава прашање што ќе ја задоволи само бугарската страна.
„Со Договорот со Бугарија, власта во Македонија сака да реши едно прашање кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е самопонижување преку одродување од сопствената историја без која немаме компас за иднината. Предупредив дека ќе посегнат по македонскиот јазик, наместо заштитен, македонскиот јазик е изложен на нападите од оспорувачите, кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат пресија врз македонскиот идентитет“, нагласи поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Бранко Црвенковски, поранешниот претседател на државата, на научниот собир упати апел до МАНУ, стопанските комори и граѓанските организации да започнат иницијатива за национална платформа, која, како што рече, ќе ги дефинира клучните проблеми и цели на државата, со прецизни рокови за нивно надминување и исполнување и до која би се придржувале сите политички субјекти.
Упатувајќи критика за состојбите во државата, Црвенковски рече дека земјата е корумпирана, има длабока поделеност на општеството и дека задолженоста е голема.
„Прво, Македонија е корумпирана држава, а во корумпирана држава нема еднаквост пред закони, нема правда, нема доверба во судството, во корумпирана држава нема фер пазарна економија каде ќе одлучува квалитетот, а не подмачкувањето онаму каде што треба“, рече Црвенковски.
Според него, како втор проблем е тоа што Македонија е внатрешно длабоко конфронтирана и поделена држава, во која партиите не се гледаат како конкуренти туку како непријатели.
„И трето, Македонија е држава која живее на кредити, а кој живее на кредит умира на рати“, додаде Црвенковски.
Кондев, советникот на Глигоров, потсети дека Глигоров, како претседател во два мандати до крајот на 1999 година, успешно ги менаџирал меѓуетничките односи, а дека земјата била прва од поранешната СФРЈ која ја испрати ЈНА без испукан куршум и без жртви.
Професорот Владо Поповски, како советник на поранешниот претседател Борис Трајковски, рече дека Трајковски е првиот кој сите граѓани и сите политички партии, верски, традиционални старешини го признаа за свој претседател, за претседател на сите граѓани, независно од етничката и националната припадност, и дека бил претседател кому му верувале и од кого очекувале да ги промени на подобро работите во Република Македонија.