Husamedin Gina
27 Септември 2021•Ажурирај: 28 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека дезинформациите поради нивниот потенцијал да ги поткопуваат демократските вредности можат да ја дестабилизираат и самата држава, јавува Агенција Анадолија (АА).
Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Северна Македонија и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) денеска во Музејот на современа уметност организираа регионална „Конференција за медиумска писменост ЕУ – Западен Балкан: Справување со дезинформациите“.
На Конференцијата обраќања имаа претседателот на државата, Стево Пендаровски, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, (видеообраќање) и евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир.

Пендаровски, во своето обраќање истакна дека намерата на дезинформациите е системски да се манипулира јавноста со пласирање погрешни информации, и дека крајна цел на дезинформациите е да послужат на интересите на одредени политички или бизнис-центри на моќ.
„Кампањите за дезинформирање ја поларизираат јавната дебата, негативно влијаат врз политичките процеси, ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и ја еродираат општествената кохезија. Поради нивниот потенцијал да ги поткопуваат демократските вредности дезинформациите можат да ја дестабилизираат и самата држава“, нагласи Пендаровски.
Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, во видеопораката истакна дека дезинформациите се закана за целиот свет и за време на пандемијата на Ковид-19 тоа станало уште појасно дека се насочени кон граѓаните и кон општеството.
„Граѓаните од земјите од Западен Балкан сега се многу повеќе свесни и се многу повеќе отпорни на дезинформациите“, нагласи Жозеп Борел истакнувајќи дека справувањето со дезинформациите бара пристап на ниво на целата држава и пристап што ќе го вклучува целото општество.
Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, посочи дека дезинформациите се огромен глобален предизвик откако се случи бум во онлајн комуникацијата.
„Во последно време, за време на пандемијата сведоци сме на тоа колкава моќ имаат дезинформациите“, рече Гир.
Ова е втора конференција што се организира во овој формат со поддршка од ЕУ. Таа е конципирана врз основа на резултатите од Конференцијата за медиумска писменост ЕУ - Западен Балкан, што беше организирана во 2020 година во Сараево и Бања Лука, и на многубројните иницијативи на оваа тема поддржани од Европската Унија.