СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, имаше свое обраќање на 10. состанок на претседатели на парламенти од земјите од Југоисточна Европа за проширувањето, одржан во унгарскиот главен град Будимпешта, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кабинетот на претседателот на Собранието на Северна Македонија објави соопштение во врска со обраќањето на Џафери во Будимпешта.
Џафери на почетокот на својот говор изрази благодарност за традиционалното одржување на овој настан на највисоко парламентарно ниво во организација на унгарското Национално собрание и претседателот Лазло Ковер.
Тој нагласи дека тоа е уште еден доказ за заложбите на Унгарија во изминатите децении за забрзано и целосно европско и евроатлантско интегрирање на земјата.
„Тоа е наш заеднички интерес доколку се има предвид фактот што се потенцира во повеќе наврати од страна на високи европски политичари, односно дека, доколку Унијата сака поголема стабилност во своето соседство, тогаш потребна е кредибилна европска перспектива за Западен Балкан, заснована на систем на заслуги. Меѓутоа, морам да истакнам дека таа перспектива ризикува да стане заморна и неатрактивна за нас како земји кандидати доколку потфрли и не ги испочитува темелните вредности врз кои е градена Европската Унија кои во прв план го ставаат просперитетот, мирот и безбедноста на сите граѓани на континентот“, рече тој.
Џафери потсети дека неодамна во Северна Македонија биле во посета француски сенатори и во овој контекст, рече тој, во разговорите со нив предочил на актуелната ситуација на терен, односно, дека паралелно со високиот процент на граѓани кои се за влез во Европската Унија и непоколебливиот политички консензус, има и сразмерно високо разочарување затоа што секое ново шестмесечно одлагање на почетокот на преговори, ним им ги скратува можностите да напредуваат во тие преговори и да работат уште помотивирано на европската агенда.
„Франција, како иден претседавач со Советот на ЕУ, несомнено ќе ги поддржи нашите аспирации, а ние секако сме тука да ѝ помогнеме за проширувањето, не само да стане еден од приоритетите на француското претседавање, туку да биде фактичка реалност преточена во старт на првата меѓувладина конференција со Европската Унија“, нагласи Џафери.
Според него, проширувањето како геостратешка инвестиција носи долгорочни инвестиции за Унијата во повеќе аспекти, односно во политичка, безбедносна и економска смисла.
Џафери нагласи дека тоа претставува добар механизам за напредок и награди, што според него ги мотивира како земји да ги спроведуваат бараните реформи чиј краен резултат би требало да биде почеток на преговори, пристап до повеќе фондови и конечно, полноправното членство во Унијата.
Тој изрази верување дека како држави покажале дека можат да се носат со предизвиците од процесот на интеграција и успешно да ги спроведуваат бараните реформи во предвидените рокови, со што, нагласи тој, потврдиле дека се сериозни партнери во овој заеднички проект.
„Северна Македонија постигна импресивен напредок на полето на спроведување на пакетот клучни реформи, а со потпишувањето и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор покажавме дека можеме да послужиме како модел за внатрешна кохезија, унапредување и негување на меѓуетничките односи. Верувавме дека со потпишувањето на Договорот со Бугарија и прифаќањето на сите предлози на Претседателството на Европската Унија предложени минатата година, вклучително и предлогот од мај 2021 година, ќе го надминеме и спорот со Република Бугарија. Меѓутоа, за жал, одговорот од Бугарија е во сосема спротивна насока, комплетно го менува пристапот кон процесот, што е спротивно на напорите за зајакнување на довербата и непречениот политички дијалог. Се разбира, моменталната комплексна ситуација во Бугарија оневозможува наш поактивен дијалог, вклучително и на парламентарно ниво, кога како колеги пратеници би можеле поотворено и на пофлексибилен начин да разговараме и заеднички да придонесеме кон надминување на оваа состојба со изнаоѓање на компромис на отворените прашања“, додаде тој.
Џафери нагласи дека и покрај сите пречки, продолжуваат со реформскиот процес, за земјата, за нивните граѓани, а и за задржување на веќе добиените високи оценки.
Тој рече дека веќе дваесетина години се активни во контекст на меѓусебната соработка во регионот на Југоисточна Европа и генерираните добри резултати потврдуваат дека како земји можат успешно регионално да соработуваат и да доживуваат заеднички успеси, што, според него, е клучен предуслов и за нивната европска иднина.
„Јас сум убеден дека парламентарната дипломатија може да воспостави дијалог кој придонесува за мирот и безбедноста и игра суштинска улога во справувањето со глобалните предизвици и затоа сме активни во меѓународните собранија. Во Повелбата за добрососедски односи, стабилност, безбедност и соработка во Југоисточна Европа од 2000 година, заеднички сме се обврзале безрезервно да се залагаме, меѓу другото, и за почитување на принципите и нормите на Повелбата на Обединетите нации. Се надевам дека овие постулати ќе помогнат во решавањето на отворените прашања и на тој начин ќе придонесат за забрзување на процесот на евроинтеграции“, рече Џафери во своето обраќање.
news_share_descriptionsubscription_contact
