Elena Trenchevska Chekovikj
04 Март 2025•Ажурирај: 04 Март 2025
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, и унгарскиот премиер Виктор Орбан одржаа тет-а-тет средба во Будимпешта, каде што од вчера престојува владина делегација по повод унгарско-македонскиот самит, пренесува Анадолу.
Премиерот Мицкоски по средбата со Орбан на својот профил на Х објави дека разговарале за клучни прашања од заемен интерес, како и за „зајакнување на економската соработка, инвестициите, енергетиката, инфраструктурата и европската перспектива на Македонија“.
Тој објави и дека е одржана и заедничка седница помеѓу владите на двете земји додавајќи дека „се разгледаа и усогласија клучни прашања од заеднички интерес. Седницата се одржа по билатералните средби на ресорните министри, кои послужија како основа за продлабочување и зацврстување на соработката“.
„Не можеме да го заштитиме народот на Европа од илегалните миграции без поддршка од земјите на Западен Балкан“, порача унгарскиот премиер Орбан преку Х во објава по повод денешниот почеток на вториот Унгарско-македонски меѓувладин самит.
„Северна Македонија е еден од нашите најважни партнери во тој поглед“, истакна тој заблагодарувајќи му се на премиерот Мицкоски.
По средбите, планирана е заедничка прес-конференција.
Меѓувладиниот самит започна вчера со средбата на министрите за надворешна политика и трговија Тимчо Муцунски и Петер Сијарто. Сијарто на средбата уште еднаш ја потенцира поддршката што Унгарија ѝ ја дава на Северна Македонија за зачленување во ЕУ.
Инаку, првата меѓувладина седница меѓу Северна Македонија и Унгарија се одржа минатата година во Охрид.