економија

Стопанската комора на Македонија ја одбележа 98-годишнината од своето работење

„Со вакво темпо и со очекувани инвестиции по формалното полноправно членство на државата во НАТО, до 2024 година стапката на невработеност проектираме да достигне под 10 проценти“

Husamedin Gina  | 19.02.2020 - Обновена : 20.02.2020
Стопанската комора на Македонија ја одбележа 98-годишнината од своето работење Фото: Husamedin Gina/AA

СКОПЈЕ (АА) – Техничкиот премиер на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заедно со вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, денес се обратија на одбележувањето на 98-годишнината од работењето на Стопанската комора на Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Техничкиот премиер Оливер Спасовски истакна дека годишнината е многу значајна и ретка, не само како бројка што сведочи за долга традиција, туку и поради фактот дека оваа годишнина говори дека Стопанската комора е сопатник низ историјата на македонската државност.

Подвлекувајќи дека Владата на Северна Македонија и Стопанската комора имаат одлична соработка, Спасовски рече дека економската програма на Владата во најголем дел е создадена со економските препораки од Стопанската комора.

Спасовски, потсетувајќи дека имплементацијата на економската програма дало успешни резултати, рече дека за рекордно кратко време се отворени 60.000 нови работни места, а невработеноста е намалена на 17,1 проценти.

„Со вакво темпо и со очекувани инвестиции по формалното полноправно членство на државата во НАТО, до 2024 година стапката на невработеност проектираме да достигне под 10 проценти“, рече Спасовски, додавајќи дека членството во НАТО и стартот на преговорите со Европската Унија ќе ја зголемат безбедноста и стабилноста на Северна Македонија, а тоа ќе создаде подобра основа за економски раст и развој.

Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, истакна дека одбележувањето на 98-годишнината е важна за сите бидејќи Стопанската комора е еден од клучните партнери на државата.

„Без вашите идеи, без вашите консултации, без вашето учество во креирање на законите, плановите, економските мерки, навистина немаше да можеме да ги постигнеме целите коишто беа зацртани на оваа влада“, нагласи Царовска, истакнувајќи дека дијалогот со Стопанската комора се движи во одлична насока и со одличен социјален дијалог.

Денот на Комората традиционално беше одбележан со доделување награди и признанија за членките на Стопанската комора кои покажале значајни резултати во 2019 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.