Besar Ademi
07 Ноември 2016•Ажурирај: 08 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во просториите на Стопанската комора на Македонија беа промовирани услуги за старт-ап бизниси, обезбедени од Фондацијата „Јес-Инкубатор“ (услуги за млади претприемачи), фондација којашто има за цел да се зајакне социо-економскиот развој на младите преку развој на претприемништвото, подобрување на вештините за (само) вработување и вмрежување, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на оваа фондација е да се привлечат идеални и продуктивни млади кои сакаат да почнат бизнис. Фондацијата им обезбедува обука и им овозможува да се поврзат со други партнери, за да бидат конкуренти на глобалниот пазар, а со цел да се забрза напредокот на малите и средните компании како носители на националната економија.
Советничката на одборот на Стопанската комора на Македонија, Софче Јовановска, рече дека во ова време на дигитална трансформација, низ целиот свет повеќе се користат старт-ап компаниите и на овој начин многу компании кои започнале од нула, за кратко време успеале да станат компании со многу голем профит.
„Свесна сум дека живееме во ерата на четвртата индустриска револуција, каде што имаме остар вкус на сите потрошувачи како пребарувачи кои учествуваат во социјалните мрежи. Затоа е многу важно компаниите во нивните работи да создаваат дигитална ефикасност во обезбедувањето на услуги за своите клиенти“, истакна Јовановска.
Од друга страна, директорката на Фондацијата „Јес-Инкубатор“, Габриела Костовска-Богоеска нагласи дека нивната мисија е да се промовира претприемништвото и да се зголеми вработеноста кај младите, овозможувајќи им да создадат сопствен бизнис. Таа додаде дека фондацијата со која раководи ги поддржува овие млади со многу активности и субвенции кои, според неа, преку придонес во секторот на малите и средните претпријатија, исто така, помагаат и во локалниот и националниот развој.
„Изразувам увереност дека оваа заедничка соработка со Стопанската комора на Македонија ќе ни овозможи нова структура за услуги за нашите клиенти, старт-ап компаниите, а во меѓувреме, заедно ќе помогнеме во реализацијата на нивните развојни цели“, рече Костовска-Богоеска.
Фондацијата „Јес-Инкубатор“ е основана во 2005 година, во Скопје. Од тоа време, од над 85 старт-ап компании, поддржани од страна на фондацијата, 15 се ориентирани кон извоз на производи и услуги, а создадени се над 350 нови работни места.