Senada Ibraimova
09 Јануари 2017•Ажурирај: 10 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес Македонската асоцијација за рударство (МАР) во Стопанската комора на Македонија одржа прес-конференција на темата „Перспективите на рударството во РМ“, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата се обрати претседателот на МАР, Николајчо Николов, кој ги пренесе сумираните резултати од работењето на рударскиот сектор за 2016 година и плановите за 2017, за кои, како што рече тој, се разговарало на состанокот во декември во МАР.
Според Николов, 2016 година беше тешка за овој сектор, бидејќи се забележани најниски цени на металите во изминативе 10 години. Тој исто така нагласи дека е забележан пад во производството во однос на 2015 година, односно производството е намалено за 16,8%. Падот во ископувањето јаглен и лигнит во однос на 2015 година изнесува 13,4%, а кај ископувањето руди и метал има опаѓање од 8%.

Николов рече дека заклучокот на МАР за рударскиот сектор во последниве 10 години е генерално позитивен, односно дека игра значителна улога во стопанскиот развој на државата, но исто така, тој истакнува дека постојат и низа недостатоци.
Според Николов, недостатоците се должат на немањето државна стратегија за овој сектор.
„Рудите и рудните богатства имаат почеток и крај, и ние како држава мораме да направиме стратегија, што денеска е исплатливо и актуелно да се извади од земјата, а што треба да оставиме за следните генерации. На пример, јагленот и лигнитот, кои се во државна сопственост. Познато е дека имаме резерви на јаглен и лигнит, кој е главен енергенс во Македонија до 1930 – 1935 година, и тука се завршуваат рудните резерви на јаглен и лигнит“, истакна Николов. Тој додаде дека МАР се залага ова прашање да биде приоритет за државата. Според нив, државата треба да направи стратегија за поинтензивно применување на алтернативните извори на енергија, а рудите што постојат да се остават за идните генерации.
Тој исто така рече дека мора да се воведе ред за издавање концесии за експлоатацијата, особено на каменоломите. Според Николов, малите претпријатија – концесионери немаат капацитет за зачувување на животната средина, а отворањето нов поголем рударски објект за ископ и преработка на металични минерални суровини ќе придонесе за можност за инвестирање и во мерките за заштита на животната средина.
Во однос на очекувањата за 2017 година, Николов вели дека ќе има успех во рударскиот сектор, само доколку правилно се постават прашањата и доколку за нив има разбирање од Владата и од министерството.