Elena Trenchevska Chekovikj
04 Март 2025•Ажурирај: 05 Март 2025
СКОПЈЕ (АА) – Нашата стратешка цел како држава да бидеме дел од европското семејство, била, е, и ќе остане наша стратешка цел, порача премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, од Будимпешта, пренесува Анадолу.
Средба Мицкоски - Орбан во Будимпешта, одржана седница на владите на Северна Македонија и Унгарија
Мицкоски заедно со владина делегација од вчера престојува во Унгарија, по повод македонско-унгарскиот владин самит, а по тет-а-тет средбата и меѓувладината седница, заедно со премиерот Виктор Орбан одржаа и прес-конференција.
Премиерот Мицкоски изрази надеж за деблокирање на преговорите во евроинтегративниот процес на земјата со поддршка на Унгарија.
„Се надевам дека конечно овој (евроинтегративен) процес и за нас ќе биде откочен, со поддршка на пријателска Унгарија, и дека и ние како држава ќе почнеме да преговараме“, рече Мицкоски изразувајќи убеденост дека многу скоро, доколку има можност за отпочнување на преговорите врз основа на „вистински“ Копенхашки критериуми, да се завршат успешно и земјата да стане дел од Европската Унија (ЕУ).
Тој истакна дека разговарано било и за целокупната поддршка од унгарската Влада, а меѓу останатото на меѓувладината седница станало збор и за идна уште поголема меѓудржавна соработка во доменот на инфраструктурата, но и за идна можна воена соработка, односно подлабоко развивање на воените индустрии на двете земји.
Тој го пофали премиерот Орбан за водењето на Унгарија „стабилно и посветено низ многу немирни и несигурни води, секогаш борејќи се за интересите на својот народ и својата држава“.
Мицкоски во обраќањето се осврна и на војната во Украина порачувајќи дека Европа треба да заземе поголема улога во постигнувањето траен мир.
„Заедно да поттикнеме и поддржиме Европа да заземе поинтензивна улога во процесот на постигнување на траен и одржлив мир во Украина, преку партнерство и сојузништво со САД, нешто што е во полза и на украинските пријатели, но и во полза на самата Европа“, рече Мицкоски.
Тој во обраќањето порача дека целта на земјата во однос на ЕУ е јасна, „тоа е силна, стабилна и просперитетна Македонија во Европската Унија со економски напредок и високи стандарди за нашите граѓани“, и посочи дека поддршката од пријателските земји како Унгарија е важна во овој процес.
Вториот меѓувладин самит на двете земји започна вчера со средбата на министрите за надворешна политика и трговија Тимчо Муцунски и Петер Сијарто.
Инаку, првата меѓувладина седница меѓу Северна Македонија и Унгарија се одржа минатата година во Охрид.