Besar Ademi
31 Јули 2018•Ажурирај: 01 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, рече дека очекува позитивен резултат од референдумот за името, за кој беше изгласано во Собранието да се одржи на 30 септември, јавува Anadolu Agency (АА).
Џафери истакна дека референдумската кампања ќе започне на 10 септември, а Законодавниот дом ќе работи до овој датум бидејќи пратениците ќе бидат ангажирани во референдумската кампања. Носители на кампањата, како што рече, може да бидат политичките партии, но и Владата и Собранието.
Истакнувајќи дека волјата на народот е рефлектирана во сите анкети речиси три децении од независноста наваму за интеграциските аспекти на Македонија во НАТО и ЕУ, Џафери нагласи дека не постои причина да се биде песимист во врска со исходот на референдумот и волјата на граѓаните.
„Моите очекувања се конечните резултати на референдумот да бидат позитивни во насока на тоа што е и волја на граѓаните, поради фактот дека примарен интерес е интересот на граѓаните на оваа држава, а не интересите на политичките партии или институциите кои се вклучени во процесот на организирање и одвивање на референдумот“, изјави Џафери.
Џафери, кој претходно го одржа редовниот брифинг со новинарите, рече дека сите политички партии ќе учествуваат на референдумот, со фактот дека, како што рече, дури и оние што ќе бидат решени да не учествуваат на референдумот, ќе имаат еден вид кампања. Од друга страна, во врска со одлуката референдумот да биде консултативен, Џафери истакна дека тоа е работа на предлагачите на референдумот.
Во врска со прогласувањето на Законот за ратификација на Договорот со Грција во Службен весник, Џафери рече дека најсоодветно е тоа да се направи по референдумот, иако претходно имаше поинакво мислење.
Освен прекинот на работата на Собранието за време на кампањата за референдумот за името, македонскиот Парламент ќе одмора и до 20 август, додека првата седница, како што рече Џафери, ќе биде свикана за 29 и 30 август.
Во првата половина од оваа година, Собранието спроведе вкупно 57 сесии, од кои десет сè уште не се завршени, но според Џафери, важните прашања не зависат од овие незавршени седници.
Вчера, Собранието на Република Македонија со 68 гласа „за“ и без ниту еден глас „против“ и „воздржан“ одлучи на 30 септември оваа година да се одржи референдумот за името, кој ќе биде консултативен.
Референдумот е дел од Договорот меѓу Македонија и Грција кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, што е главен услов за членство на земјата во НАТО и за отворање на преговорите со Европската Унија (ЕУ).