Barış Seçkin
17 Април 2016•Ажурирај: 18 Април 2016
РИМ (АА) - Избирачите во Италија денес на Референдум гласаат за трајната дозвола која ја имаат компаниите за црпење на нафта и гас од италијанските мориња, јавува Anadolu Agency (AA).
Скоро 50,6 милиони бирачи одговараат на референдумското прашање за останувањето или укинувањето на законот кој коалиционата влада на премиерот Матео Ренци го усвои во декември минатата година, а кој предвидува компаниите без временско ограничување да можат да црпат нафта и природен гас од италијанските мориња.
Избирачките места се отворени од седум часот утринава по локално време, а нивното затворање е планирано за 23 часа.
Од резултатите од референдумот директно зависи судбината на нафтените и гасни платформи во појас од 12 милји од италијанското крајбрежје, островите и заштитените подрачја во морето.
За валидноста на референдумот неопходно е на референдумот да излезат минимално 50 отсто од бирачите.
Опозицијата, невладиниот сектор за заштита на околината и левичарските партии ги повикаа бирачите да гласаат за укинување, според нив, на спорните законски одредби и да ги отстранат нафтените платформи кои ги нарушуваат природните убавини на италијанското крајбрежје.
Премиерот Ренци и неговата Демократска партија се на став дека воопшто не е потребно да се излегува на референдум бидејќи веќе е забрането отворање на нови платформи, а постоечките може да работат додека постојат ресурси за тоа. Тој став наиде на остра критика од опозицијата.