Bekim Laci
31 Јули 2018•Ажурирај: 01 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, на прес-конференција во придружба на министрите од неговиот кабинет, ги повика граѓаните на Македонија да излезат на референдум за Договорот со Грција и да гласаат според нивните лични убедувања, бидејќи, како што рече, Македонија е во време кое бара храбри одлуки од своите граѓани, јавува Anadolu Agency (АА).
Премиерот Заев истакна дека Собранието веќе го објави датумот за референдум, кој по својата природа ќе претставува голема пресвртница за насоката што земјата ќе ја преземе.
„Секој од нас е должен да ја преземе одговорноста за својата иднина, а со тоа и за иднината на нашата земја. Вашиот глас е ваше право, не дозволувајте било кој да ви го одземе или да го злоупотреби тоа ваше право. Ве повикувам да докажете дека никој не може да ве поколеба да изберете, излезете и изберете“, рече меѓу другото Заев.
Тој нагласи дека ќе ја почитува демократската волја на граѓаните и покрај исходот, но изрази уверување дека Македонија ќе успее да стане членка на НАТО и Европската Унија (ЕУ), додека за граѓаните од македонска етничка припадност рече дека ќе останат Македонци, а нивниот јазик ќе продолжи да се нарекува македонски.
Премиерот Заев ја критикуваше македонската опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ, која во последните изјави рече дека таа може да постигне подобар договор со Грција, додавајќи дека тие имаа десет години можност додека беа на власт и наместо тоа, според него, тие тајно преговарале, држејќи ја Македонија како заложник.
Запрашан да ја коментира изјавата на спикерот на Парламентот, Талат Џафери, во која тој рече дека државните институции ќе продолжат со спроведување на Договорот со Грција и покрај исходот од референдумот, вклучувајќи и уставни промени, Заев одговори дека останува посветен оптимист за успех на референдумот.
„Убеден сум во успехот на референдумот, а потоа сите ние политичарите ќе го послушаме нашиот народ, којшто не избрал, и ќе ги спроведеме одлуките соодветно на надлежностите коишто ги имаме“, рече Заев.
Вчера, Собранието на Република Македонија со 68 гласа „за“ и без ниту еден глас „против“ и „воздржан“ одлучи на 30 септември оваа година да се одржи референдумот за името, кој ќе биде консултативен.
Референдумот е дел од Договорот меѓу Македонија и Грција кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, што е главен услов за членство на земјата во НАТО и за отворање на преговорите со Европската Унија (ЕУ).