Senada Ibraimova
18 Ноември 2016•Ажурирај: 19 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје се одржа промоција на книгата „Македонците со исламска религија во историски и современ контекст“ во издание на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, а во соработка со Сојузот на Македонци со исламска вероисповед и Институтот за национална историја при МАНУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Книгата „Македонците со исламска религија во историски и современ контекст“ претставува резултат на научниот собир што се одржа минатата година во МАНУ, на кој учествуваа повеќе од 25 професори, доктори на науки. Истражувачките трудови на овие научници во книгата говорат за Македонците со исламска религија во западна Македонија, особено во Реканскиот регион, нивните обичаи, јазик и култура.
Проф. д-р Валентина Божиновска, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, а воедно и издавач на книгата, рече дека, покрај темите на идентитетот, верските определби и наводната „исламизација", анализата на фолклорот, обичаите, ората, јазикот на Македонците со исламска вероисповед во нив се презентирани и актуелните современи состојби и проблеми со кои се соочува овој дел од населението.
„Културните, историски спецификации на Македонците муслимани се непобитен доказ за нашето големо национално богаство, за нашиот цврст и несоборлив бедем на толеранција и разбирање на другиот", истакна таа.
Претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија, Исмаил Бојда, во своето кратко обраќање рече дека во периодот на плурализмот, ниедна од политичките партии немаат слух за овој дел од населението, затоа што сите големи партии се формирани со еднонационални и едноверски состави.
По кратките обраќања, присутните имаа можност да го погледнат и краткиот документарен филм на Тони Стојовски, кој е еден вид патеписно репортерство за Македонците муслимани во Реканскиот регион.
Филмот опфаќа информации, видеа и фотографии од историјата на Македонците муслимани.