Husameddin Gina
18 Октомври 2018•Ажурирај: 19 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски, денеска го отвори состанокот на Француско-германската иницијатива за координација на донаторите во врска со нелегалната трговија со огнено оружје на Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата за медиумите, пред самиот почеток на семинарот, министерот Спасовски им се заблагодари на амбасадите на Франција и Германија за реализацијата на оваа Иницијатива, во рамките на Берлинскиот процес што беше отворен во Трст.
„Jасни сме во нашата порака дека ќе направиме сѐ што можеме во рамките на нашите пристапни преговори, меѓутоа, и во рамките на сите овие иницијативи кои се отвораат со земјите од регионот за да го направиме побезбеден Балканот, побезбеден овој регион“, изјави министерот Спасовски.
Амбасадорот на Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние, истакна дека семинарот е една илустрација на француско-германската волја, Франција и Германија да учествуваат потполно и да ја придружуваат Македонија на патот кон Европската Унија.
„Целта е да се ослободи просторот на Балканот од лесното оружје кое циркулира без контрола. Бидејќи е мошне значаен настан, ние сме многу задоволни што потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи, прифати да го отвори овој семинар, и на тој начин да покажеме, да покажат македонските власти, колку е важна борбата против илегалното оружје со мал калибар“, изјави францускиот амбасадор Тимоние.
Германија и Франција во септември оваа година почнаа проект за борба против нелегалната трговија со огнено оружје во земјите од Западен Балкан, во рамки на подготовката на овие земји да се приклучат кон Европската унија.
На 11 декември годинава, Франција ќе биде домаќин на конференција на високо ниво во Париз за да се разгледаат резултатите од донаторските координативни состаноци, да се презентираат локалните акциони планови за имплементација на Регионалниот план и да се идентификуваат донаторските придонеси за негово финансирање.
Кон крајот на наредната година, предивдено е Германија да биде домаќин на мониторинг конференција во Берлин, кога ќе се разгледа првата година од имплементацијата на Регионалниот план и на националните акциони планови.