Abdula Berisha
17 Ноември 2020•Ажурирај: 18 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, на прес-конференција ги објави приоритетите на предлог-буџетот на Министерството за економија за 2021 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тој рече дека приоритетите на Министерството за економија се создавање услови за развој на индустријата, претприемништвото, интеграција на единствениот пазар на Европската Унија (ЕУ), обезбедување енергетска стабилност и сигурност, како и истражување, експлоатација и одржливо искористување на минералните суровини.
Министерот Бектеши, исто така, рече дека меѓу приоритетите е и развојот на туризмот преку подобрување на стандардите на туристичката понуда.
„Кога го креиравме буџетот за 2020 година, се водевме на реализација и исполнување на овие главни постулати на Министерството за економија. Впрочем, во таа насока работевме напорно изминатите неколку години. Но, како резултат на пандемијата која предизвика здравствено-економска криза во целиот свет и кај нас, моравме да ги промениме приоритетите и целиот наш буџет да го насочиме кон поддршка на најпогодените сектори на економијата и најпогодените граѓани“, рече Бектеши.
Тој истакна дека во 2021 година се очекува закрепнување од кризата предизвикана од пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19).
„Кога го креиравме буџетот за наредната година, нашите очекувања се дека со него ќе се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и работни места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои понатаму ќе помогнат во спроведувањето на брза излезна стратегија, со цел продолжување на позитивните трендови на македонската економија“, рече министерот Бектеши.
Тој, исто така, рече дека ќе биде посветен на подобрување на деловното опкружување и сузбивање на „сивата економија“.
„Буџетот на Министерството за економија за наредната година е предвидено да изнесува околу 826 милиони денари (околу 14,3 милиони евра). Од овие средства, 130 милиони денари се предвидени за плати и надоместоци за вработените, 167 милиони денари се наменети за капитални расходи, а 190 милиони денари за субвенции“, рече Бектеши.
Министерот за економија, исто така, рече дека во рамките на субвенциите се предвидени субвенции за граѓаните, кои ќе можат да аплицираат за набавка и инсталација на соларни термални колектори, замена на старите прозорци со ПВЦ или алуминиумски прозорци, набавка на печки на пелети или надомест за инсталација на фотонапонски системи за производство на електрична енергија.
Тој, исто така, рече дека за следната година се предвидува тројно зголемување на средствата за субвенции за приватните претпријатија, за што се предвидени 13 милиони денари, додавајќи дека е предвидено двојно зголемување на средствата за поддршка на претприемништвото, за што се предвидени 50 милиони денари.