економија, Балкан

Анѓушев: „Стабилизирањето на односите помеѓу државите дава ефект и во економијата“

„Во 2018 година размената со Република Бугарија достигна 695,2 милиони долари, и тоа е 16,95 отсто раст во споредба со истиот период во 2017 година. Мислам дека нема подобар сигнал и подобар доказ дека стабилизирањето на односите ...“

Husameddin Gina  | 17.01.2019 - Обновена : 18.01.2019
Анѓушев: „Стабилизирањето на односите помеѓу државите дава ефект и во економијата“ Husameddin Gina/АА

Skopje

СКОПЈЕ (АА) – По иницијатива на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и потпретседателот на Советот на министрите на Република Бугарија, Томислав Дончев, денеска се одржа бизнис-форум „Македонија - Бугарија 2019“, јавува Anadolu Agency (AA).

На форумот, кој го носи насловот „МК-БГ 2019“, се обратија заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, потпретседателот на Советот на министрите на Република Бугарија, Томислав Дончев, заменик-министерот за економија на Република Бугарија, Александар Манолев и заменик-министерот за економија на Република Македонија, Кире Наумов. 

Заменик-претседателот на Владата, Кочо Анѓушев, во своето обраќање на бизнис-форумот нагласи дека за квалитетна и одржлива економија треба да се направат предуслови како што се владеење на правото и стабилна политичка ситуација. 

„Во 2018 година размената со Република Бугарија достигна 695,2 милиони долари, и тоа е 16,95 отсто раст во споредба со истиот период во 2017 година. Мислам дека нема подобар сигнал и подобар доказ дека стабилизирањето на односите помеѓу државите даваат ефект и во економијата“, истакна Анѓушев. 

Тој, исто така нагласи дека двете држави во иднина ќе бидат посветени да ги решат меѓусебните инфраструктурни проблеми. 

Потпретседателот на Советот на министрите на Република Бугарија, Томислав Дончев, во својот говор се осврна на добрососедските односи помеѓу двете земји.

 

„Првата голема задача е да бидеме добри соседи, се разбира, ако со соседот живееш долго време, секогаш заеднички имаш за што да разговараш и да се скараш. На бугарски има една поговорка која значи дека соседот честопати е поблизок и од братот, бидејќи секој ден си со него“, рече Дончев, истакнувајќи дека трговската размена од околу 700 милиони долари не е доволна, и дека таа треба да се зголеми.

Според него, форумот е многу добар почеток, но вистински добрососедски, пријателски односи ќе имаме тогаш кога луѓето од двете земји ќе патуваат повеќе, ќе тргуваат и ќе инвестираат.

Во текот на бизнис-форумот компаниите од двете земји ќе имаат можност да остварат меѓусебни средби за интензивирање на соработката.

Овој форум е прв по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија пред две години. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.