економија

Презентиран „Оперативниот план за вработување 2019“

Премиерот Зоран Заев истакна дека Оперативниот план за вработување е топ приоритет на сите граѓани, пред сè на младите луѓе, за барањето начин како да се дојде до работно место

Husamedin Gina  | 25.02.2019 - Обновена : 26.02.2019
Презентиран „Оперативниот план за вработување 2019“

СКОПЈЕ (АА) – Оперативниот план на Владата на Република Северна Македонија за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 беше промовиран денес под хаштагот #ШансаЗаСите, јавува Anadolu Agency (AA).

За Оперативниот план за вработување 2019 година на Владата издвоени се рекордни 1,1 милијарда денари за вработување и отворање нови бизниси. Во 2019 ќе им се даде шанса на сите оние кои имаат образование, а се без работа, да се приспособат на фактичката состојба и да се активираат на пазарот на трудот.

Премиерот Зоран Заев истакна дека Оперативниот план за вработување е топ приоритет на сите граѓани, пред сè на младите луѓе, за барањето начин како да се дојде до работно место.

„Преку Оперативниот план овозможуваме дефинитивно полесно изнаоѓање работа на граѓаните во Република Северна Македонија. А преку овој оперативен план директно ги помагаме лицата од ранливите категории и лицата со посебни потреби во нивното изнаоѓање трајно решение околу обезбедување на нивни приходи“, рече премиерот Заев, додавајќи дека верува оти ваквите мерки ќе дадат резултат во искоренување или во борбата против невработеноста.

Тој, исто така, истакна дека официјално во Северна Македонија има 90.000 илјади активни баратели на работа, наведувајќи дека ваквите мерки ќе бидат атрактивни кај младите луѓе да останат тука и перспективите да ги гледаат во нашата земја.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, истакна дека денес е првиот работен ден на советникот на германската канцеларка Ангела Меркел во Кабинетот на премиерот.

Тој истакна дека утрово со советникот имале првичен состанок и дека на состанокот е разгледана широката слика на економијата во Северна Македонија, а понатаму ќе се оди на детално разгледување.

„Првичниот совет е дека Република Северна Македонија сега има еден многу добар моментум на добар глас и добар, како да кажеме, импакт во целиот свет, значи Република Северна Македонија е една од најдобрите информации, едно од ретко добрите информации во светот во последниот период. И ние треба да го искористиме тој моментум да ја подобриме економијата, а со тоа и стандардот на живеење на нашите граѓани“, нагласи Анѓушев.

Со Оперативниот план за 2019 година посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години, невработените лица со попреченост, невработените жени од ранливи категории, како и на корисниците на гарантирана минимална помош.

Програмата е наменета за микро, мали, средни фирми и социјални претпријатија и граѓански организации.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.