Besar Ademi
13 Јули 2017•Ажурирај: 14 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, на прес-конференција одржана во просториите на Владата истакна дека Македонија има најголема придобивка од вчерашниот Самит во Трст, од грантовите обезбедени од страна на Европската Унија (ЕУ) за развој на инфраструктурата на Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
На Самитот „ЕУ – Западен Балкан“, меѓу делегациите на владите од земјите на Западен Балкан, во владината делегација на Македонија присутен беше и вицепремиерот Анѓушев. Тој нагласи дека делегацијата на Македонија е мошне задоволна од вчерашниот самит посветен за развојот на Западен Балкан, бидејќи, како што рече, ЕУ додели грантови за Македонија, неповратни финансиски средства, поради покажаниот интерес на новата македонска влада во ангажирањето во процесот на реформите.
„Од вкупниот грант којшто е доделен на земјите од Западен Балкан, a којшто изнесува 194 милиони евра, Македонија доби 70 милиони евра, што значи дека од вкупните пари, 40 отсто припаднаа како грант на Македонија, иако таа е само една од шесте земји, иако според бројот на жители е една од помалите земји“, рече Анѓушев.
Тој истакна дека ако се земе предвид бројот на жителите, Македонија има најголема придобивка во оваа фаза на поддршката од страна на Берлинскиот процес, и додаде:
„Ние како Влада, тоа длабоко го почитуваме и цените и мораме да кажеме дека оваа помош ја чувствуваме како голема обврска, навистина да бидеме реформски ориентирани и тоа не само за потребите за пристапување кон ЕУ. Туку реформски ориентирани за да го подобриме животот на секој поединечен македонски граѓанин.“
Како што рече Анѓушев, 70 милиони евра се неповратни грантови од страна на ЕУ, а на самитот било дискутирано и за голем број други проекти и кредити за поддршка на развојот на Западен Балкан.
„Практично, нашата комуникација се одразува преку развивањето на инфраструктурата којашто треба да овозможи полесно да комуницираме и како луѓе и како стопанство“ рече Анѓушев.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања соопшти дека грантовите за Македонија се наменети за дел од железничката пруга кон Бугарија, која ќе ги поврзува Албанија, Македонија и Бугарија, инфраструктурна линија.
Самитот „ЕУ – Западен Балкан“ се одржа во рамките на иницијативата „Берлински процес“, предводена од страна на Италија, а започна во 2015 година, за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, како Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, како и Црна Гора.
Инаку, оваа иницијатива започна со Конференцијата на високи претставници одржана во Берлин, на 21 август 2014 година, каде што лидерите на владите од Западен Балкан, министрите за надворешни работи и за економија, како и претставници на Европската комисија ја потпишаа заедничката декларација, во којашто се наведени 18 точки, со цел да се одржи политичкиот дијалог за интеграција на земјите од Западен Балкан.