Adel Ömeragic
13 Јули 2017•Ажурирај: 14 Јули 2017
ПОДГОРИЦА (АА) - Црна Гора денес го одбележува Денот на државноста, во чест на 13. јули 1878, кога на Берлинскиот конгрес беше призната како независна држава, како и на истиот датум во 1941 година, кога народот на Црна Гора го почна востанието против фашизмот, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод Денот на државноста, претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, синоќа одржа прием од каде што порача дека 2017 година ќе влезе во историјата на Црна Гора.
„Во низата историски вредни години за Црна Гора, и оваа сигурно со гордост ќе има посебно место. Во земјата, која е позната по вековната борба за слобода и независност, годините за реализација на овој стремеж се трајна вредност. Историјата да не се повтори, слободата и земјата никогаш повеќе да не бидат загрозени. Црна Гора мора да има сојузништво што ќе ја гарантира стабилноста и вечноста. Тоа сојузништво Црна Гора го доби оваа година, со членството во НАТО“, рече Вујановиќ.
На приемот во Сината палата во Цетиње присуствуваа претставници на политичкиот, научниот, културниот, економскиот и спортскиот живот на Црна Гора, национални херои и поранешни државни претставници. Исто така, присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, како и високи претставници на меѓународни организации и институции.