Bojana Stojanovic
02 Октомври 2018•Ажурирај: 03 Октомври 2018
БЕЛГРАД (AA) - Заедничкиот економски простор е императив за земјите од Западен Балкан, доколку сакаат да ја зголемат својата конкурентност, се согласија денеска во Белград потпретседателот на Владата и министерот за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Љајиќ и македонскиот вицепремиер Кочо Анѓушев, јавува Anadolu Agency (AA).
Вицепремиерот во Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, истакна дека му е задоволство што на панелот учествувал со министерот Љајиќ со кого имаат одлична соработка.
„Се надевам дека таа соработка ќе се претвори и во одлична економска соработка на Србија и Македонија, но и на целиот регион“, рече Анѓушев на Самитот 100 на лидерите од Југоисточна Европа, одржан во Белград.
Како што додаде Анѓушев, идеите кои денес ги слушнал, го мотивирале да најде решение за проблемите, што ќе придонесе кон унапредување на економската соработка во целиот регион.
Српскиот министер Љајиќ рече дека земјите во регионот поединечно се мали пазари за да ја издржат силната меѓународна конкуренција.
„Ми се чини дека клучната работа, можеби и клучниот збор во текот на оваа дебата, се однесуваше на формирањето заеднички економски простор, што е императив за сите економии на земјите од Западен Балкан. Ние поединечно, сите сме мали пазари за да ја издржиме силната меѓународна конкуренција“, рече Љајиќ.
Љајиќ дече дека се свесни за внатрешните слабости, како и за слабостите на регионот, кои може да се видат преку лошата инфраструктура, технолошката заостанатост и големиот одлив на работна сила, посебно на младите и образовани луѓе, како и тоа дека тоа се проблеми со кои регионот и понатаму ќе се соочува.
„Одговорот на овие предизвици мора да биде со заедничко здружување на сите економски и човечки потенцијали, кои овој регион ги поседува, и јас верувам дека ваквите самити треба да бидат мотив и на владите во регионот да вршат перманентен притисок да се решаваат и некои преостанати политички прашања, но да се оди побрзо кон процесот на економска интеграција на овој регион, за што секако ни е потребна и поддршка од Европската Унија“, наведе Љајиќ.
Како што додаде, земјите во регионот конечно мора да донесат одлука дали се за национализам или за прагматизам.
„Ние сме во заостанување. Додека другите напредувале и вложувале во инфраструктурата и дигиталните вештини, ние војувавме. Тој јаз не може лесно да се надомести... Дали сме за национализам или за прагматизам. Во деведесетите години избравме национализам и видовме како заврши тоа“, истакна Љајиќ.
Затоа, според неговите зборови, земјите мора да донесат политичка одлука и да изберат дали регионот ќе има перспектива доколку работи заедно, со цел зголемување на конкуретноста и развој на инфраструктурата, или не.
Говорејќи за соработката на Србија и Македонија, Љајиќ рече дека економските односи се одлични, дека се отстранети речиси сите нецарински бариери, а дека останало уште потпишување на договорот за признавање на меѓусебните сертификати. Тој наведе и дека Србија остварува значителен извоз во Македонија, притоа истакнувајќи дека постои простор тоа да се зголеми, како и да се настапува заеднички на пазарите.
Прашан да ја прокоментира намерата Телеком Србија да учествува во трката за купување на Телеком Албанија, Љајиќ одговори дека тој потег, исто така, говори за неопходноста од здружување на сите економски потенцијали во регионот.
Самитот 100, вчера и денес ги собра најистакнатите бизнис-лидери од Србија, Словенија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, Македонија и Албанија, како и од државите од регионот.