Husamedin Gina
14 Декември 2021•Ажурирај: 15 Декември 2021
СКОПЈЕ
Вицепремиерот за економски прашања на Северна Македонија, Фатмир Битиќи, истакна дека постковид периодот е шанса да се унапреди соработката помеѓу Северна Македонија, Турција и Косово и да се создаде регион што ќе биде конкурентен и атрактивен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Стопанската комора на Македонија – Турција (MATTO) денеска беше домаќин на претставниците од Стопанската комора на Косово – Турција (КТТО) и Здружението на стопанственици и занаетчии „ЕСНАФ” од Косово, со цел да се придонесе за развој на социоекономските односи помеѓу Турција, Северна Македонија и Косово.
На настанот се обратија вицепремиерот за економски прашања на Северна Македонија, Фатмир Битиќи, министерот за регионален развој на Косово, Фикрим Дамка, амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, и претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека регионалната соработка е есенцијална за понатамошниот напредок на економиите и општествата на нашите земји.
„Тука сме денес да зборуваме за економската соработка“, нагласи Битиќи, додавајќи дека е важно создавањето на уште подобри релации помеѓу Турција, Северна Македонија и Косово.
„Постковид периодот е шанса. Шанса да ја унапредиме уште повеќе нашата соработка, да создадеме регион кој ќе биде конкурентен и атрактивен, а не да создаваме меѓусебна конкуренција меѓу земјите од Западен Балкан“, рече Битиќи, наведувајќи дека во овие две години сме ја научиле важноста на блиската соработка и пријателство.
Министерот за регионален развој на Косово, Дамка, истакна дека посакува оваа прва трилатерална средба помеѓу претставниците на МАТТО, КТТО и ЕСНАФ да биде од голема корист.
„На овој состанок на кој ќе бидат споделени трипартитните економски податоци и можностите за инвестирање, имам целосна верба дека постоечките добри односи меѓу нашите влади ќе продолжат да се зајакнуваат и кај деловните луѓе“, рече Дамка.
Истакнувајќи дека денешните средби ќе дадат придонес во развојот на економската соработка меѓу трите земји, министерот Дамка рече дека Турција е најголемиот инвеститор во Косово, и дека и во банкарството и во другите сектори се наоѓа на првото место.
Турскиот амбасадор Секизќок во своето обраќање се осврна на економската соработка помеѓу Турција и Северна Македонија.
„Ценети министри и стопанственици, како што знаете турските компании во балканските земји реализираа низа обемни инфраструктурни проекти и инвестиции во широк спектар составен од разни сектори и истите успешно ја претставуваа Турција“, нагласи амбасадорот Секизќок.
Наведувајќи дека продолжуваат преговорите за ажурирање на Договорот за слободна трговија помеѓу Турција и Северна Македонија за да се опфатат и земјоделските производи и услужните дејности, Секизќок потенцираше дека ажурираниот Договор ќе придонесе за раст на обостраниот трговски обем и раст на турските инвестиции.
Во своето обраќање како домаќин на трилатералната средба, претседателот на МАТТО, Адемоски, потсетувајќи дека стоковната размена помеѓу Северна Македонија и Турција е околу 500 милиони долари, рече дека нивната желба е до 2023 година стоковната размена да достигне до милијарда долари.
Адемоски истакна дека се ангажирани што побргу да се ажурира Договорот за слободна трговија.
„Во ваше присуство го замолувам потпретседателот на Владата, господинот Битиќи, што побргу да ја притиснеме оваа работа, што ќе има бенефиции и за двете држави“, рече тој.
На трилатералната средба на која беа дискутирани можностите за поголема меѓусебна соработка во повеќе сектори, беше потпишан Протокол за соработка помеѓу Стопанската комора на Македонија – Турција (MATTO), Стопанската комора на Македонија – Турција (КТТО) и Здружението на стопанственици и занаетчии „ЕСНАФ“ од Косово.