Besar Ademi
09 Октомври 2017•Ажурирај: 10 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, по средбата со министерката за надворешни работи на Шведска, Маргот Валстрем, и министерот за надворешни работи на Финска, Тимо Соини, рече дека неговите колеги престојуваат во посета на Македонија за лично да се уверат во цврстата определба на земјата за повторно враќање на европскиот пат и повеќе да не го изгуби тој пат“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Доаѓаат во многу важен момент за нас и во однос на домашната реформска агенда, и во однос на нашата надворешно-политичка активност, отворање на овој пат но и отворање на вратите кон соседите. Се работи за две земји од коишто имаме што да учиме и кои се извор на инспирација, не само за Македонија, туку и пошироко за регионот, во однос на тоа како ги организирале нивните општества во интерес на шведските и финските граѓани“, рече Димитров.
Валстрем рече дека Шведска и соседната земја, Финска, ќе бидат многу повеќе посветени на прашањето за проширување, како и на тоа земјите од Западен Балкан да се останат на врвот на агендата на Европската Унија.
„Нашите две земји припаѓаат на оние земји на Европската Унија кои веруваат во проширувањето и дека земјите од Западен Балкан имаат европска иднина. Ве охрабруваме да продолжите со реформските напори што веќе ги преземате“, рече Валстрем.
Во меѓувреме, финскиот министер Тимо Соини истакна дека неговата земја целосно ја поддржува перспективата на Македонија за влез во Европската Унија, посочувајќи:
„Се разбира, за младите луѓе и за општеството е мошне важно владеењето на правото и системите да функционираат, затоа што тоа овозможува да се привлечат инвестиции и, исто така, да се задржат младите луѓе тука, па дури и да се вратат дома некои од нив. Ова е многу важно за иднината на вашата земја“, рече Соини.
Шефовите на дипломатиите на трите земји претходно остварија состаноци лице в лице и пленарна средба меѓу делегациите на министерствата за надворешни работи. По состанокот во Министерството за надворешни работи во Скопје, тие заеднички се упатија на состанок со премиерот, Зоран Заев.