ПРИШТИНА (АА) - Специјалниот суд за Косово нема да придонесе за помирувањето на Албанците и Србите, изјави денес косовскиот претседател Хашим Тачи во јавниот дијалог за тој суд. Дијалогот беше организиран по повод најновиот извештај насловен како „Перцепција на Специјалниот суд за Косово од страна на јавното мислење: ризици и можности“, направен во соработка со НВО Интегра од Приштина, Центарот за мир и толеранција од Грачаница и ПАКС од Холандија, јавува Anadolu Agency (АА).
Тачи истакна дека во Косово, со цел да се дојде до правдата, постоеле повеќе механизми на правдата, како што се УНМИК, ЕУЛЕКС, Хашкиот трибунал, а сега и Специјалниот суд, но многу рани и понатаму се отворени.
„И покрај напорите, имам чувство дека сè уште нема доволно правда. Нереалните очекувања од Специјалниот суд можат да ги избледат тие напори. Тоа ќе ја избледи довербата во целиот косовски и во меѓународниот правен систем“, предупреди Тачи.
Според неговите зборови, Специјалниот суд, сепак, е предност за Косово, со цел да се затвори црната дупка што Србија ја создала над Косово. Косовскиот претседател, чие име се споменува и во извештајот на сенаторот Дик Марти – кој ги обвини припадниците на Ослободителната војска на Косово за трговија со човечки органи – смета дека тој извештај е политички мотивиран, и нагласи дека жолтата куќа во Албанија, каде што наводно, биле вадени органите, е измислена. Тачи потсети дека извештајот на Марти е направен врз основа на книгата на поранешната хашка обвинителка Карла Дел Понте, во којашто се споменува непостоечка жолта куќа, и оти самиот Марти бил против бомбардирањето на Србија и против прогласувањето независност на Косово.
Тој, исто така, додаде дека одлуката за формирање на Специјалниот суд дојде како неопходност на меѓународната политика, меѓународните актери, а не на правдата, а Косово го прифати формирањето на тој суд по меѓународниот дипломатски притисок за да се задоволат Србија и Русија.
„Меѓународната заедница ни вети дека наскоро ќе можеме да аплицираме за членство во Советот на Европа, дека брзо ќе се случи либерализацијата на визниот режим, дека ќе имаме масовна поддршка за зачленувањето во УНЕСКО, дека брзо ќе се формира војската на Косово, дека ќе имаме нови признавања. Ние го формиравме судот, но нивните ветувања не се исполнија. Напротив, на Косово му е отежнат евроатлантскиот пат“, истакна Тачи.
Тој исто така рече дека она што го знаеме за Специјалниот суд треба да се каже точно, а тоа е дека судот е моноетнички и ќе се занимава само со злосторствата на припадниците на ОВК, па затоа Албанците не му веруваат, а пак Србите целосно му веруваат. Според него, овој суд нема да доведе до помирување, туку и ќе наштети, бидејќи нема да бидат разгледувани масакрите и воените злосторства на Србија за време на косовската војна.
Тој истакна дека покрај многуте предизвици, дијалогот со Србија нема алтернатива и оти Косово нема да дозволи напади врз Србите.
Стручниот советник во областа транзициска правда на Центарот за истражување и документација, Нора Ахметај, вели дека е точно оти во Хашкиот суд досега се осудени 166 лица, и дека четворица Албанци се ослободени од обвиненијата, но потсети дека тие се ослободени поради недостаток на докази, бидејќи сведоците биле убиени или заплашувани. Таа рече дека во извештајот на Европскиот парламент од 2010 година се наведува дека во Косово се убиени околу 34 сведоци, а повеќе од 100 сведоци се соочиле со закани.
Ахметај оцени дека Специјалниот суд е резултат на недостатокот на волја и желба на Косовците сами да бараат одговорност за она што се случило. Таа истакна дека ако се „убиени и киднапирани 2.000 Срби, односно неалбанци, бидејќи има и Бошњаци и други нации, ние како Албанци требаше да се запрашаме зошто се убиени цивили“, и додаде дека не може да се игнорира фактот оти поединци имаат извршено злосторства.
Ненад Максимовиќ од Центарот за мир и толеранција изнесе некои од наодите од тримесечната студија спроведена меѓу косовските Албанци и Срби, која покажува ниско ниво на информираност за Специјалниот суд.
„Така, 32 отсто од косовските Албанци веруваат дека Специјалниот суд ќе се занимава и со злосторствата извршени од страна на српските и југословенските сили, додека 35 отсто од населението смета дека Специјалниот суд ќе се занимава и со корупцијата“, рече Максимовиќ.
Тој, исто така, изјави дека повеќето испитаници сметаат оти е важно да се работи на прашањето за сите злосторства од оружениот конфликт, 1998-1999 година во Косово. Исто така, повеќе од 51 отсто од албанските испитаници изјавија дека би учествувале во протести доколку Специјалниот суд подигне обвиненија против челниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Извештајот на крајот дава и неколку препораки, кои, пред сè, се однесуваат на потребата за подобро информирање на граѓаните за Специјалниот суд за Косово и дека српските политичари мораат да бидат повнимателни кога коментираат за функционирањето на тој суд.
На дебатата присуствуваше и портпаролката на Специјалната комора Авис Бенеш, иако таа не беше учесник во дебатата.