Ekipa
09 Октомври 2017•Ажурирај: 10 Октомври 2017
ТИРАНА (АА) – Четворица турски државјани, од кои една жена и две деца, се фатени при обидот да влезат во Италија преку граничниот премин „Портата на Драч“ со фалсификувани пасоши, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите што новинарот на АА ги доби од Одделот за истрага на кривични дела при Регионалната дирекција за граници и миграција во Драч, Мухамед Јасир А. (39) и неговата сопруга, Н.А. (34), заедно со нивните две деца се приведени при обидот за преминување на границата со фалсификувани пасоши.
Надлежните соопштија дека Мухамед Јасир А. е приведен, додека неговата сопруга е пуштена на слобода поради тоа што нивните деца се малолетни, и е започната истрага против неа. Исто така, се истакнува дека споменатиот брачен пар заедно со нивните деца се обиделе да влезат во Италија преку граничниот премин „Портата на Драч“.
Од Полициската дирекција во Драч јавија дека споменатите лица користеле пасоши на нивно име, но, откако пасошите не биле идентификувани од страна на системот, надлежните се посомневале.
Приведениот Мухамед Јасир А., неговата сопруга и децата биле пренесени во Националниот центар за прифаќање на странци во областа Бабру во Тирана, а таму ќе останат до завршувањето на понатамошните процедури.
Исто така, надлежните велат дека по завршувањето на постапките за идентификација и законските процедури, Н.А. заедно со нејзините деца ќе бидат вратени во Турција, а состојбата на Мухамед Јасир А. сѐ уште не е разјаснета.
Се смета дека приведеното лице е член на „трол тимот“ на интернет, за обезбедување разузнавачки информации за Твитер профилот „Фуат Авни“, профил кој е користен за вршење пропаганда од страна на терористичката организација ФЕТО, и е откриен минатата година од страна на Главното јавно обвинителство во Истанбул.