Şeyma Erkul Dayanç
03 Јуни 2026•Ажурирано: 03 Јуни 2026
Француските власти ѝ изрекоа парична казна од 22 милиони евра на интернет-платформата за е-трговија Шеин, поради сериозни прекршувања на правилата за заштита на потрошувачите, изјави денес министерот за трговија, Серж Папен, јавува Анадолу.
„Управата за контрола на измами санкционира сериозни прекршувања кај еден трговец“, напиша Папен на американската компанија за социјални медиуми Х, појаснувајќи дека компанијата не го почитувала правото на купувачите за откажување на нарачките и криела задолжителни информации кои се клучни за потрошувачите.
Тој додаде дека прекршувањата вклучуваат и недостиг на транспарентност во однос на влијанието врз животната средина на производите што се продаваат на платформата.
„Она што го казнуваме не се случајни пропусти, туку разработен систем“, нагласи Папен, објаснувајќи дека станува збор за свесни практики со кои намерно се игнорираат законите за заштита на потрошувачите.
Папен, исто така, изрази загриженост поради нелојалната конкуренција, велејќи дека ваквите практики ги ставаат во неповолна положба трговците на мало кои ги почитуваат прописите.
Тој понатаму додаде дека властите ќе продолжат да ги надгледуваат таквите платформи сè додека нивните практики не се променат или додека тие не излезат од пазарот.
Одделно, од францускиот Директорат за заштита на потрошувачи и пазарна конкуренција појаснија дека казните се изречени поради низа пропусти: криење на потеклото на производите, лажни еколошки тврдења, кратење на правото на купувачите да ја откажат нарачката, како и поради доцнење со испораките.
Оттаму додадоа дека вкупниот износ на казни изречени за Шеин во Франција сега надминува 210 милиони евра.
Од Шеин соопштија дека не се согласуваат со санкциите, опишувајќи ги како „очигледно непропорционални и дискриминаторски“.
Компанијата наведе дека не е утврдена никаква штета врз потрошувачите и дека не е запознаена со какви било поплаки од клиенти поврзани со подигнатите прашања.
На Шеин во јули му беше изречена казна од 40 милиони евра во Франција.
Минатата недела Европската комисија ѝ изрече казна од 200 милиони евра и на кинеската платформа за е-трговија Тему.