Rania R.a. Abushamala
03 Јуни 2026•Ажурирано: 03 Јуни 2026
Кувајт денес соопшти дека во иранските напади загинало едно лице, неколкумина се повредени и дека се оштетени клучни објекти, вклучувајќи и дипломатски претставништва, нагласувајќи дека го „задржува целосното право“ да одговори на нападите, јавува Анадолу.
Министерството за надворешни работи во соопштение остро ги осуди „бруталните и континуирани напади“ на Иран со балистички ракети и беспилотни летала, наведувајќи дека последните напади утринава биле насочени кон „цивилни и клучни“ објекти, вклучувајќи го и Меѓународниот аеродром во Кувајт.
Министерството соопшти дека нападите резултирале со еден смртен случај, повеќе повредени и штета на критичната инфраструктура, вклучително и на дипломатските претставништва.
Во соопштението се нагласува дека Кувајт го задржува своето легитимно и суверено право да преземе соодветни мерки како одговор на овие напади, во целосна согласност со меѓународното право.
Од Министерството соопштија дека Кувајт „категорично ги отфрла ваквите очигледни агресивни акти“ од страна на Иран. Тие предупредија дека воените напади дополнително ја разгоруваат ескалацијата, ги зголемуваат тензиите и директно ги поткопуваат безбедноста и стабилноста во целиот регион.
Во соопштението се додава дека овие напади претставуваат „грубо прекршување“ на меѓународното право, на Повелбата на ОН, како и на резолуцијата 2817, која Советот за безбедност на ОН ја донесе годинава.
Министерството нагласи дека безбедноста, суверенитетот на Кувајт и безбедноста на неговите граѓани и жители се „црвена линија што не може да се премине“, предупредувајќи дека повторените напади одразуваат „систематски агресивен пристап“ кој земјата „ниту ќе го прифати, ниту ќе го толерира“.
Исламската револуционерна гарда на Иран (ИРГЦ) тврди дека нападите биле насочени кон американските бази во Кувајт, како одмазда за американскиот напад врз островот Кешм во јужен Иран извршен утринава.