Kanyshai Butun
03 Јуни 2026•Ажурирано: 03 Јуни 2026
Украина денес упати апел за дијалог и зближување со Полска, по најновото разгорување на тензиите меѓу двете земји. Односите се затегнаа откако официјален Киев донесе одлука една воена единица да го носи името на Украинската востаничка армија (УПА) – националистичка формација одговорна за масакрот врз десетици илјади етнички Полјаци за време на Втората светска војна, пренесува Анадолу.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека името на единицата било избрано од војници кои „немале ни најмала намера против Полска“.
„Нивната цел беше да им оддадат почит на оние кои, пред многу години, исто така се бореа против империјална Москва, болшевичко-комунистичката окупација и репресија“, напиша тој на американската компанија за социјални медидуми Х.
Сибиха апелираше до двете страни да ги „стивнат страстите“, да им ги препуштат спорните историски прашања на стручњаците и да се фокусираат на нивниот „заеднички непријател“, како и на зајакнувањето на европската безбедност.
„Ескалацијата на тензиите меѓу Украина и Полска не им носи никаква корист ниту на Украинците, ниту на Полјаците“, рече тој.
Сибиха истакна дека двете земји во изминатите речиси две години вложиле огромни напори за обновување на дијалогот. Како клучни чекори тој ги посочи продолжувањето на ексхумацијата и повторното погребување на воените жртви, како и повторно започнување на конгресот на историчари, каде што експертите преку архивски истражувања и научни дебати треба да ги решаваат чувствителните историски спорови.
„Постигнатиот напредок не смее да се поткопа, ниту пак, да се дозволи разгорување на нова спирала на омраза“, предупреди Сибиха, додавајќи дека тоа е особено опасно во сегашниот миг, кога над сите – над Украинците, Полјаците и останатите Европејци – повторно „надвиснува“ сериозна закана од нивниот вековен непријател, Русија.
Сибиха, исто така, ѝ се заблагодари на Полска за нејзината „водечка улога“ во поддршката на Украина во војната со Русија, изразувајќи желба да се разговара за сите прашања, „вклучувајќи ги и најтешките“, во духот на заемно разбирање и отвореност.
На 26 мај, претседателот Владимир Зеленски потпиша декрет со кој на единицата за специјални операции ѝ го додели почесниот назив „Херои на УПА“, опишувајќи ја одлуката како дел од напорите за обновување на историските традиции на украинските национални воени сили.
Овој потег веднаш предизвика револт кај целиот политички спектар во Полска.
Полскиот претседател Карол Навроцки ги објави плановите да побара одземање на Орденот на Белиот орел, највисокото државно одликување на Полска, што му беше доделено на Зеленски по почетокот на војната со Русија во 2022 година.