политика

Средба на претседателот Пендаровски со претседателот на Европскиот совет Шарлс Мишел

На средбата е разговарано за европската интеграција на Северна Македонија, за можноста за одржување на прва меѓувладина конференција, за процесот на проширување на Европската Унија, како и за актуелните предизвици во регионот...

Ekipa  | 27.04.2021 - Обновена : 28.04.2021
Средба на претседателот Пендаровски со претседателот на Европскиот совет Шарлс Мишел Фото: Dursun Aydemir/АА

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски во рамките на работната посета на Брисел оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Од Кабинетот на претседателот соопштија дека на средбата е разговарано за европската интеграција на Северна Македонија, за можноста за одржување на прва меѓувладина конференција, за процесот на проширување на Европската Унија, како и за актуелните предизвици во регионот, во контекст на пандемијата на Ковид-19.

„Претседателот Пендаровски оцени дека е од клучно значење спречувањето на стагнацијата во динамиката на односите на земјите од Западен Балкан со Европската Унија и порача дека продолжувањето на процесот на проширување е во интерес на Европската Унија, бидејќи на тој начин државите од Западен Балкан се одржуваат фокусирани на реформите и придонесуваат кон европската безбедност и стабилност“, се вели од Кабинетот на претседателот.

Претседателот Пендаровски по средбата изјавил дека Северна Македонија останува посветена на исполнување на својата надворешно-политичка цел – полноправното членство во ЕУ, како и на спроведување на реформите.

„Разговаравме за реформите кои се во тек во нашата земја, главната работа која ја очекуваат, е да се задржи и по можност засили реформското темпо. Јас известив за најновите случувања во таа смисла, за процесуирањето на неколку т.н. високи случаи на корупција, дури и на функционери од сегашната политичка постава, структура на власт, што беше поздравено, бидејќи се случува практично за прв пат во историјата на нашата држава, меѓутоа тие побараа да се удвојат напорите во борбата против случаите на висока корупција“, истакнал Пендаровски.

Од Кабинетот се додава дека во разговорот станало збор и за прашањето со Бугарија, за кое Пендаровски истакнал дека е неопходно како предуслов да започнат разговорите, повторно да се идентификува соговорникот од бугарска страна, како и за имунизацијата со вакцини против Ковид-19, во врска со која од следната недела Европскиот солидарен фонд започнува со испорака на количини од „Фајзер“, договорени преку посредникот Австрија.

„Европската Унија има веќе закажано стратешка сесија за иднината на Западниот Балкан, поточно за иднината на односите меѓу Европската Унија и Западниот Балкан. За таа цел, нивната комисија и нивниот посебен директорат за таа цел има изготвено стратешки документ кој зборува за неопходноста да се засилат активностите и конекциите со Западниот Балкан бидејќи две држави чекаат да почнат преговори и тоа се одолговлекува во неколку наврати, а две држави од шесте воопшто не се споменуваат како држави кои имаат можност да започнат наскоро преговори од познати причини. Европската Унија тоа сака да го промени по можност до крајот на годината“, истакнува претседателот Пендаровски.

Претходно, во рамки на посетата на Брисел, претседателот Пендаровски оствари средби со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, со потпретседателот на Европската Комисија и Висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, со Комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, со Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, како и со европратеникот и известител за Република Северна Македонија, Илхан Кјучук.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.