Сиљановска-Давкова: Најголема инвестиција за безбедноста на Европа е членството на Западен Балкан во ЕУ
- Сиљановска-Давкова оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој е во официјална посета во земјата.
СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, рече дека најголема гаранција за регионалната безбедност е членството на Западен Балкан во Европската Унија (ЕУ), јавува Анадолу.
Сиљановска-Давкова оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој е во официјална посета во земјата.
По средбата Сиљановска-Давкова и Руте одржаа заедничка прес-конференција.
Претседателката ја оцени посетата на Руте како јасна потврда за важноста на сојузничката солидарност и заедничката одговорност, потсетувајќи дека се соочуваат со глобална неизвесност, геополитички тензии, војна на европска територија, киберзакани, хибридни закани и закани од ширење дезинформации.
„Јас цврсто верувам дека НАТО не е само воен сојуз туку дека тоа е заедница на споделени вредности, на споделена одговорност, но и, што е најважно, на заедничка визија за безбедна иднина“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа рече дека активно придонесуваат кон заштитата на позицијата на НАТО, преку борбените групи во Латвија, Бугарија, Романија, мисијата на КФОР во Косово, мисијата на ЕУ Алтеа во Босна и Херцеговина.
„Во однос на Украина ќе продолжиме со поддршката, со верба за можен договор за праведен и траен мир“, изјави претседателката.
Таа истакна дека на претстојниот самит на НАТО во 2026 година во Анкара очекува особено внимание да ѝ биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан, со оглед на актуелните настани и предизвици.
„Најголема инвестиција и гаранција не само за нашата безбедност, туку и за безбедноста на Европа во целина е нашето членство и членството на Западен Балкан во Европската Унија“, изјави Сиљановска-Давкова.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
