Балкан

Дадоа заклетва новите министри во Владата на Албанија, официјално ја преземаат функцијата

- Албана Кочиу е именувана на функцијата заменик-претседателка на Владата, заменувајќи ја Белинда Балуку, која беше разрешена од функцијата, вклучително и од позицијата министеркa за инфраструктура и енергија.

Fatjon Cuka  | 06.03.2026 - Обновена : 06.03.2026
 Дадоа заклетва новите министри во Владата на Албанија, официјално ја преземаат функцијата Кабинетот на претседателот на Албанија

ТИРАНА (AA) - Новите министри во Владата на Албанија дадоа заклетва пред претседателот Бајрам Бегај, официјално преземајќи ја функцијата, пренесува Анадолу.

По одобрувањето на указите за именување на министрите од страна на Собранието на Албанија, денес се одржа церемонијата на заклетва во Палатата на бригадите во Тирана.

„Новите членови на Советот на министри денес дадоа заклетва пред претседателот на Републиката, Бајрам Бегај. Со заклетвата пред претседателот на Републиката новите министри официјално ја преземаат функцијата“, се наведува во соопштението на Кабинетот на претседателот на Албанија.

Албана Кочиу е именувана на функцијата заменик-претседателка на Владата, заменувајќи ја Белинда Балуку, која беше разрешена од функцијата, вклучително и од позицијата министеркa за инфраструктура и енергија.

Дипломатот Ферит Хоџа е именуван за министер за Европа и надворешни работи, функција што досега ја извршуваше Елиса Спиропали.

На функцијата министер за внатрешни работи е именуван Бесфорт Ламалари, кој претходно ја извршуваше функцијата министер за правда.

На функцијата министер за правда е именуван Тони Гогу, а Ерјона Исмаили е именувана за министерка за односи со Собранието.

Енеа Каракачи е нов министер за инфраструктура и енергетика, а Ермал Нуфи е именуван за министер за одбрана, функција што претходно ја извршуваше Пиро Венгу.

Балуку, Спиропали и Венгу повеќе нема да бидат дел од Владата.

Промените предложени пред неколку дена од премиерот и претседателот на владејачката партија, Социјалистичка партија, Еди Рама, беа усвоени во Собранието на 5 март.

Промените во Владата на Албанија доаѓаат по последните случувања во врска со случајот на Балуку, која е гонета за кривично дело „повреда на еднаквоста на учесниците на тендери или јавни аукции“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.