Балкан

Пример за соживот во Босна и Херцеговина: Свештеник и имам на ифтарска трпеза

- На заеднички ифтар со мештаните на Шќипе, локалниот имам Муфид ефендија Херо и свештеникот Бранко Јуриќ седеа на иста трпеза

Kemal Zorlak, Denis Zuberi  | 05.03.2026 - Обновена : 05.03.2026
 Пример за соживот во Босна и Херцеговина: Свештеник и имам на ифтарска трпеза Samır Jordamovıc/AA

ПРОЗОР (АА) - Додека светот се соочува со нови бранови конфликти и немири, малото село Шќипе во близина на босанскиот град Прозор стана центар за моќна порака за мир, единство и меѓуверски дијалог. На заеднички ифтар со жителите на Шќипе, локалниот имам Муфид еф. Херо и свештеникот Бранко Јуриќ седеа на иста трпеза, јавува Анадолу.

Јуриќ, чија мајка по потекло е од Шќипе, минатата година беше организатор на сличен собир во ова село, а оваа година мештаните ја презедоа организацијата и решија да ги поканат и свештеникот Јуриќ и ефендија Хера на ифтар. Двајцата верски претставници на ифтарот потсетија дека дијалогот, меѓусебното почитување и човечката блискост се темел на стабилно општество, но исто така ја потврдија сликата за Босна и Херцеговина што нејзините жители ја наследиле со векови, во која, како што самите изјавија, доброто и лошото се споделуваат со соседите.

Сликите од Шќипе се потврда дека светоста на постот во Босна и Херцеговина, без оглед дали станува збор за Рамазан или за Велигден, отсекогаш се мерила според ширината на срцето кон другите. Тоа е слика за земја што со векови опстојувала врз основа на убавиот обичај на солидарност и добри односи со соседите.

- Солидарност преку постење

Свештеникот Бранко Јуриќ во интервјуто за Анадолу истакна дека вакви слики треба да бидат вообичаени во Босна и Херцеговина.

„Мислам дека ова треба да биде нормално во нашата земја, каде што живееме заедно со векови. Како верски претставници, ние треба да бидеме први што ќе им покажеме на луѓето дека треба да соработуваме, да бидеме пријатели и да го споделуваме доброто, но и злото ако ни се случи“, рече Јуриќ.

Тој направи споредба помеѓу католичкиот и исламскиот пост, нагласувајќи дека суштината на двете одрекувања е иста, имено да се чувствува лишување, со цел да се покаже солидарност со оние што немаат ништо.

Во контекст на актуелните конфликти на Блискиот Исток, Јуриќ ја нагласи важноста на градењето мир, истакнувајќи дека тоа не е статична состојба што доаѓа сама по себе.

„Мирот се гради од ден на ден. Ние, кои ја преживеавме војната во Босна и Херцеговина, треба повеќе да го цениме мирот и да работиме за него наместо да бидеме пасивни“, нагласи Јуриќ, истакнувајќи дека за човештвото е пораз што денес сме сведоци на нови воени жаришта.

За двајцата верски претставници фактот дека Рамазан и велигднескиот пост се случуваат во исто време не е случајност, туку можност за подобро меѓусебно разбирање. Пораката од селото Шќипе е јасна: иднината е во единството бидејќи „не можеме едни без други“.

- Иднина во единството

Ефендија Херо, исто така, оцени дека пораката од Шќипе има силна симболика, особено за Босна и Херцеговина.

„Пораката е многу сликовита и треба да има ефект врз денешните настани, особено во светот. Моја најголема желба е ваквите настани да придонесат за убавината на животот во Босна и Херцеговина и да покажат дека соживотот е возможен. Особено е важно помладите генерации да се потпрат на вакви примери“, рече Херо.

Тој истакна дека меѓусебните односи во нивната средина, во Прозор, се исклучително добри и дека заедничкиот живот и соработката се секојдневие.

Говорејќи за тоа дека оваа година времето на Рамазан и велигденскиот пост повторно се совпаѓа, Херо рече дека ова е силна порака до верниците да се здружат и да ги препознаат заедничките вредности.

„Нашата иднина е во единството. Не можеме едни без други. Треба да го цениме тоа што е наше и да ги почитуваме другите бидејќи само правејќи добро може да изградиме успешна иднина“, рече тој.

Заедничкиот ифтар во Шќипе уште еднаш потврди дека мирот, дијалогот и меѓусебното почитување се трајни вредности на општеството во Босна и Херцеговина.

Ифтарот во Шќипе беше организиран и како симболичен крај на повеќедневната акција за чистење на селата, а организаторите сакаа да пратат порака за важноста на зачувувањето на природата и јакнењето на еколошката свест, а наедно и да го честитаат Денот на независноста на Босна и Херцеговина.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.