Балкан

Владата ќе обезбеди чартер-летови за евакуација на македонските граѓани од кризните подрачја

- „Ја информираме јавноста дека, согласно со заклучокот на Владата, е започната постапка за јавна набавка за организација на чартер-летови со цел обезбедување безбедна евакуација“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи

Dzihat Aliju  | 04.03.2026 - Обновена : 04.03.2026
Владата ќе обезбеди чартер-летови за евакуација на македонските граѓани од кризните подрачја

СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија ќе обезбеди чартер-летови за евакуација на македонските граѓани од кризните подрачја, пренесува Анадолу.

Ова го соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија.

„Безбедноста на македонските граѓани е највисок приоритет на Владата. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и понатаму пристапува одговорно, координирано и темелно во спроведувањето на сите активности поврзани со евакуацијата на граѓаните од погодените подрачја“, се наведува во соопштението на Министерството и се додава:

„Во таа насока, ја информираме јавноста дека, согласно со заклучокот на Владата, е започната постапка за јавна набавка за организација на чартер-летови со цел обезбедување безбедна евакуација.“

Министерството нагласи дека имајќи ја предвид итноста и фактот дека безбедносната состојба тековно се менува, постапката ќе се спроведе согласно со Законот за јавни набавки, со примена на скратени рокови предвидени за вакви ситуации.

„За реализација на оваа услуга се предвидени средства во износ до 60 милиони денари, обезбедени во буџетот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во зависност од конечниот број на пријавени македонски државјани и бројот на чартер-летови што ќе се реализираат, можно е да биде искористен само дел од предвидениот износ“, се вели во соопштението.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.