Балкан

Православните христијани во регионот го одбележаа празникот Водици

Централната манифестација за одбележување на празникот во Скопје се одржа кај мостот „Слобода“, каде поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, го положи крстот во водите на реката Вардар

Elena Trenchevska Chekovic  | 19.01.2026 - Обновена : 19.01.2026
Православните христијани во регионот го одбележаа празникот Водици Фото: Umeys Sulejman/AA

СКОПЈЕ (АА) - Низ Северна Македонија и низ земјите од Балканот денес православните христијани го одбележаа празникот Водици со литургии во храмовите и традиционалното положување на крстот во локалните води, јавува Анадолу.

Централната манифестација за одбележување на празникот во Скопје се одржа кај мостот „Слобода“, по богослужбата во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, го положи крстот во водите на реката Вардар.

Оваа година за фаќање на крстот пријавени беа 160 лица, а од нив најуспешен беше дваесет и четиригодишниот Дарко Митровиќ.

Централната манифестација во Белград, главниот град на Србија, се одржа на Ада Циганлија, каде што меѓу 54 учесници победи припадник на жандармеријата.

Во Бања Лука, Босна и Херцеговина, по литијата од Соборниот храм Христос Спасител, положувањето на крстот се одржа во водите на реката Врбас.

Празникот Водици е одбележан и во Црна Гора со литургии и положување на крстот во Подгорица, Бар, Будва, Тиват и други градови.

Според христијанското учење, на овој ден Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во водите на реката Јордан.

Инаку, според христијанското верување, оној кој ќе го фати крстот ќе го следи среќа и благослов цела година, и означува соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.