16 Јануари 2024•Ажурирај: 16 Јануари 2024
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Туркије, Хакан Фидан, изјави дека зачувувањето на мирот и просперитетот на Балканот е во интерес на сите, јавува Анадолу.
Фидан во Анкара го прими министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман, кој престојува во повеќедневна официјална посета на Туркије.
„Хрватска е наш важен пријател со кој имаме силни историски и културолошки врски и со која соработуваме за зајакнување на мирот и просперитетот на Балканот. Нашите односи на политички план се на многу високо ниво, а дополнително се унапредија со посетата што нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја имаше во Загреб пред две години“, рече Фидан.
Истакнувајќи дека и на денешната средба Туркије и Хрватска изразиле намера и спремност за натамошно зајакнување на билатералните односи и соработката на сите полиња, Фидан рече дека новата цел во билатералната трговска размена е да се достигне цифра од две милијарди долари.
Поздравувајќи го големиот интерес на турските инвеститори за Хрватска, особено во секторите туризам, банкарство, градежништво и обновливи извори на енергија, Фидан рече дека е особено задоволство да се слушне од неговиот хрватски колега дека се задоволни од работењето на турските компании.
„Случувањата на Балканот имаат директно влијание врз нашите земји. Во наш интерес е зачувувањето на мирот и просперитетот во регионот. За нас е важна Босна и Херцеговина, земја што граничи со Хрватска. Како што знаете, ние секогаш ја нагласуваме нашата поддршка за мирот, стабилноста и територијалниот интегритет на БиХ. Среќни сме што ја гледаме истата волја и одлучност од хрватската страна. Сметаме дека е неопходно да се продолжат контактите на високо ниво заради зачувување на мирот и стабилноста во регионот“, рече Фидан.
Изразувајќи поддршка за продолжување на трилатералниот формат кој ги вклучува Туркије, Хрватска и Босна и Херцеговина, Фидан рече дека се согласил со Грлиќ-Радман за неопходноста од што поскора средба во рамките на овој механизам на меѓудржавна соработка. Додаде дека тоа треба да се реализира во текот на оваа година.
Изјави дека тој и неговиот хрватски колега разговарале и за војната во Украина и за хуманитарната катастрофа во Палестина, и додаде дека се согласни дека е неопходно што поскоро да прекинат судирите и страдањата на луѓето.
„Уште еднаш порачувам дека е неопходно итно да се стави крај на нехуманиот масакр без преседан што Израел го спроведува во Појасот Газа и да се отстрани нелегалната опсада. Продолжуваме активно да ги следиме случувањата на сите платформи“, порача Фидан и ја повика меѓународната заедница да ги поддржи напорите за воспоставување прекин на огнот во Газа.