ДИЈАРБАКИР (AA) - Сепаратистичката и терористичка организација ПКК во изминатите три децении спроведува вооружена кампања против Турција во текот на која во предавнички терористички напади се убиени голем број деца, жени и невини цивили. Последната жртва на терористите е 11-месечното бебе Бедирхан Каракаја.
Со бомбашки и вооружени напади терористите на ПКК сакаат да го загрозат мирот и спокојот во Турција, а цел на нивните напади се турските безбедносни сили, но и деца, учители, здравствени работници и сите други категории на цивили.
Нападите на цивилното населените терористите ги започнаа во 1987 година, а сеќавањата на убиените на старите лица, жените и децата не бледнеат ниту по три децении.
Терористичката организација во 1993 година изведе терористички напад во селото Деринче во Сирт, во кое во дворот на училиштето се стрелани 22 лица, меѓу кои беа и 13 деца.
Светската јавност беше згрозена со фотографијата на стреланиот 3-годишен Серкан Ердем. Лидерот на терористичката организација на ПКК, Абдула Оџалан, оттогаш е познат како „убиец на бебиња“.
Многумина се ранети поради што начинот на живот во целост им е сменет, а тоа особено се одрази врз животите на децата.
- Последна жртва на ПКК е 11-месечниот Бедирхан
Бебето Бедирхан заедно со неговата мајка Нурџан Каракаја е убиено во нападот изведен на 31 јули 2018 година, во турската област Хаќкари. Терористите активирале експлозивна направа кога по патот во дистриктот Јукселова поминувала 25-годишната жена и нејзиниот син.
Во нападите од страна на ПКК, одземено им е правото на живот на голем број цивили. Убиствата, децата ги направија сирачиња или ги оставија без еден од родителите, жените станаа вдовици, а стотици лица останаа инвалиди. На оние на кои терористите им ги убија децата, во срцата им се насели вечна болка.
- Не се заборава бомбашкиот напад пред училиштето
Во населбата Јенишехир во градот Дијарбакир, на 3 јануари 2008 година во близина на училиштето, за време на подготвителната настава за универзитет, терористите на ПКК изведоа бомбашки напад врз воено возило. Во нападот животот го загубија 7 лица, од кои 6 ученици. Настан кој остана врежан во сеќавањата.
Покрај загинатите ученици кои се подготвуваа за претстојниот приемен испит на факултетите, во предавничкиот напад беа ранети 73 лица.
- Уништени соништа
Во истанбулската населба Багџилар, на 8 ноември 2009 година, припадниците на терористичката организација фрлија молотов коктел врз автобус на градскиот превоз. Во нападот тешки изгореници претрпе 17-годишната матурантка Серап Есер, која со автобус се враќала кон својот дом. Младата девојка, по речиси еден месец борба за живот, почина од здобиените изгореници.
На 16 септември 2010 година, во Хакќари експлодираше мина поставена од страна на сепаратистичките терористи на патот меѓу општината Дуранкаја и селото Гечитли, во моментот кога по патот минувал минибус. Во експлозијата животот го загубија 9 лица, меѓу кои едно дете на возраст од 2 години и едно 11-месечно бебе. Во нападот беа повредени 4 лица.
- Оган врз возило со цивили
На 20 октомври 2011 година цел на нападот на терористите беа 6 девојки. Врз девојките кои се возеа со своето возило, оган отворија терористите на ПКК. Во нападот животот го загубија 4 девојки, додека 2 беа ранети.
На 26 септември 2011 година во градот Батман припадниците на терористичката организација украдоа возило. Не осврнувајќи се на предупредувањето да застанат, тројца терористи отворија оган врз полицајците. Припадниците на терористичката организација, обидувајќи се да избегаат од местото на нападот, отворија оган врз околните возила. Во нападот животот го загубија трудницата Мизгин Дору, мајка на четири ќерки и нејзината 4-годишна ќерка Султан.
Докторите успеале со царски рез да го спасат синот на починатата мајка, но бебето во болница живеело само еден ден. Потешко се повредени таткото и една од ќерките.
На Денот на Репубиката, 29 октомври 2011 година, во градот Бинѓол, една мајка, интервенирајќи врз лице-самоубиец, спаси поголема трагедија. Три дена пред Курбан Бајрам, Хатиџе Белгин излегла да пазарува заедно со своите три деца. Таа го забележала бомбашот-самоубиец и скокнала врз него. Не можела да ја спречи експлозијата, но жртвувајќи се себеси, успеа да спречи поголема трагедија. Во настанот животот го загубија мајката, нејзиниот син Вејсел и еден цивил, додека 21 лице беа ранети.
- Ги убија децата кои делеа месо од Курбан за сиромашни
По објавувањето на извештајот на Централниот извршен одбор на ХДП, на 6 октомври 2014 година, во настаните кои се случија на 6 и 7 октомври животот го загубија 31 цивил и двајца полицајци, а ранети беа 221 цивил и 139 полицајци. Меѓу загинатите се наоѓаше и 16-годишниот Јасин Бору, кој со својот другар, четвртиот ден од Курбан Бајрам делел курбанско месо на сиромашните.
- Загина, излегувајќи да пазарува
Во Дијарбакир, на 30 август 2015 година загина 13-годишниот Фират Симпил, ученик во шесто одделение, откако припадниците на терористичката организација ПКК активирале бомба поставена на патот по кој се движел.
На 28 септември 2015 година, исто така во Дијарбакир, терористите изведоа напад врз полициско возило со рачен гранатен фрлач. Ракетата погоди куќа, при што животот го загуби 9-годишната Елиф Шимшек.
Во населбата Кизилтепе во градот Мардин, на 12 септември 2015 година, членови на младинската организација на терористичката ПКК, пред една напуштена куќа оставиле кеса во која имало експлозив. Кога две деца ја зеле кесата во раце, дошло до експлозија од која децата биле потешко повредени. Децата се префрлени во болница, но и покрај сите напори, 9-годишниот Тахсин Урал го загубил животот.
- Терористичката организација уби и управител на област
На 10 ноември 2016 година, терористите изведоа напад со рачно изработен експлозив врз Управата на местото Дерик во областа Мардин. Во нападот животот го загуби управителот Мухамед Фатих Сафитурк.
- Напад кој 36 деца остави сирачиња
Во местотот Генч во областа Бинѓол во камион биле поставени 15 тони експлозив. Вечерта на 12 мај 2017 година камионот бил донесен во селото Јенишехир од страна на терористите на ПКК. Селаните се посомневале, по што настанала расправија. Откако селаните не сакале сомнителниот камион да остане во селото, терористите тргнале кон Дурумлу. Селаните почнале да го следат камионот, а откако терористите го забележале тоа, го активирале експлозивот.
Експлозијата усмрти 16 лица, а 23 беа ранети. Страотната експлозија се слушнала во повеќе околни места. На самото место на експлозијата создаден е кратер со широчина од 20 метри и длабочина од 4 метри. Терористите на ПКК со овој напад без родител оставија 36 деца, а 8 сопруги станаа вдовици.
- Напади кои за цел ги имаа наставниците
Во местото Козлук, областа Батман, на 9 јуни 2017 година, терористите на ПКК извршија вооружен напад врз возилото на градоначалникот Вејси Ишик. Во возилото тешко е ранета наставниката по Музичко воспитување, Шенај Ајбуке Јалчин (22), која по церемонијата на доделување на свидетелствата се враќала во својот дом. Наставничката била префрлена во болница, но и покрај сите напори на медицинскиот пресонал, Јалчин ја загубила борбата со животот.
Терористите на 16 јуни 2017 година отворија оган врз учителот Неџметин Јилмаз, кој со своето возило, патувал од селото Чифтчибаши во областа Шанлиурфа кон својот роден крај во Ѓумушхане, по што бил киднапиран. На 12 јули 2017 година, покрај патот за Пуљумур Чаји, пронајден е мртов маж, а ДНК-анализата покажа дека станува збор за киднапираниот Јилмаз.
- Убиството на Ерен Булбул
Терористите на 11 август 2017 година го убија 16-годишниот Ерен Булбул, кој на безбедносните сили им го покажал скривалиштето на терористите кои постојано краделе храна од неговиот дом.
Додека Ерен им помагал на безбедносните сили да го откријат скривалиштето на терористите, тие извршиле напад во кој загинаа 16-годишното момче и постар водник на жандармеријата, додека ранет е еден припадник на безбедносните сили.
- Напад врз работниците на градилиште
На 2 јули 2017 година терористите на ПКК извршија напад врз работници кои работеа на изградбата на патот Ширнак - Ван. Во нападот загина еден работник, а еден беше ранет.
На 3 јули 2017 година терористите на ПКК во местото Ортасу Бејазтепе во подрачјето на Улудере, ги нападнаа работниците кои работеле на изградбата на патот. Во нападот загинале двајца работници, додека четворица се ранети.
- И политичарите цел на напади
Во местото Јуксекова во областа Хакќари, на 9 март 2017 година изведен е оружен напад врз подрачниот претседател на АК Партијата за регионот Есендере, Тајфун Ајхан, и неговиот брат. И покрај сите напори на медицинскиот персонал, Мурат Ајхан почина во болница.
На 15 април 2017 година извршен е оружен напад од страна на терористичката ПКК врз две возила во кои се наоѓал локалниот претседател на АК Партијата за подрачјето на Мурадије, Ибрахим Ванли. Ванли успеал да се спаси без да биде ранет, но во нападот починал неговот внук кој се наоѓал во второто возило.
На 30 јуни 2017 година во Дијарбакир пред својот дом беше убиен заменик-претседателот на АК Партијата на подрачјето на Личе, Орхан Мерџан.
На 1 јули 2017 година во Ван терористите на ПКК го убија заменик-претседателот на АК Партијата за подрачјето Озалп, Ајдин Ахи.
На 31 август 2017 година во месноста Јешилјува, Ширнак, пред својот дом од страна на терористите на ПКК, убиен е Мехмет Паксој, кој на локалните избори во 2014 година беше кандидат на АК Партијата за градоначалник на општина Улудере.
- Цел на напади беа и претставници на локалната власт -
Терористите на ПКК како цел на своите напади ги земаа и претставниците на локалната власт кои ја извршуваа функцијата на мост меѓу државните институции и населението.
Во местото Јуксекова во областа Хакќари, на 17 август 2017 година, терористите на ПКК го киднапираа претставникот на локалната власт на Кадиќој, Нуретин Алтун, кој подоцна е пронајден мртов со прострелна рана во главата.
- Дел од крвавите напади на терористичката организација
Во селото Ортабаг во Ширнак, на 22 јануари 1987 година, терористите на ПКК извршија бомбашки напад за време на свадба. Експлозијата усмрти 8 лица, од кои 2 деца и 4 жени. Еден ден подоцна во местото Мидјат, областа Мардин, масакрирани се 10 лица, меѓу нив 5 деца, од кои 2 бебиња, а ранети се 10 лица.
Во селото Ачикјол, областа Мардин, на 7 март 1987 година, терористите на ПКК стрелале 8 лица, од кои 6 деца, и со тоа го продолжија масакрот во подрачјето.
Терористите во селото Пинарџик, во Мардин, на 20 јуни 1987 извршија напад во кој крволочно убија 30 лица, од кои 16 деца и 6 жени.
Во околината на Хараберк, Мардин, на 8 јули 1987 година терористите на ПКК убија 9 лица од едно семејство, од кои 7 деца и 2 жени.
Истиот ден, во истите часови, друга група терористи го нападнале селото Печенек, во кое стрелале 16 лица. Терористите на ПКК го нападнале и подрачјето на Чифтекавак во областа Ширнак, каде масакрирале 11 лица. Меѓу убиените се наоѓаа 4 деца и 5 жени, од кои 2 трудници.
Во селото Јагизојмак, областа Ширнак, на 28 март 1988 година терористите, со давење убија 9 овчари. Организацијата тврдеше дека убиените овчари биле чувари на селата. Истата година, терористите го нападнаа и селото Сумер, при што убија тројца учители, а еден ранија.
Сепаратистичката организација ПКК, по 1990 година продолжи да спроведува масакри, без да го издвојува цивилното население од претставниците на безбедносните сили. Во месноста Кованџилар во Елазиг, на 21 март 1990 година терористите го пресекоа патот и стрелаа 9 инженери и 1 работник. Истата година на 11 јуни во селото Чевримли, областа Ширнак, терористите ги нападнаа куќите на локалните безбедносни припадници, убивајќи 27 лица, од кои 12 деца и 7 жени.
Терористите на ПКК на 25 декември 1991 година фрлија молотов коктел врз продавницата на Четинкаја во истанбулската населба Бакирќој. Во пожарот што избувна, животот го загубија 11 лица, од кои 7 жени и 1 дете.
На 11 јуни 1992 година во месноста Татван во Битлис, терористите стрелаа 13 лица од еден минибус.
Терористичката организација, на 27 јуни 1992 година во селото Јолач, во Дијарбакир, упадна во џамија и уби 10 лица. Истата година оваа крвава организација во месноста Хани масакрираше 12 лица, од кои 4 деца и 4 жени, а рани 3 лица.
На 24 мај 1993 година терористите го пресекоа патот Бинѓол - Елазиг, запирајќи го автобусот во кој се наоѓале неуниформирани војници кои патувале кон своите единици, безмилосно убивајќи 33 невооружени војници. Во Турција беше прогласен ден на жалост. Додека сè уште не беше стивната тагата по убиените млади војници, на 30 јуни 1993 година, во подрачјето на Хамзабеј во областа Мардин, терористите масакрираа 7 цивили.
На 5 јули 1993 година беше спроведен масакр од страна на терористите во селото Башбаглар, областа Ерзинџан, кој сѐ уште не избледува, иако изминаа речиси 25 години. Во ноќните часови, терористичката организација упадна во селото, стрелајќи 33 лица, по што го запали селото.
Терористите на ПКК во месноста Маден во Елазиг сопреа патнички автобус и стрелаа 8 лица. Истиот ден, терористите на ПКК ги нападнаа селата Орманџик и Акјурек во областа Мардин и убија 21 лице, од кои 11 деца.
Во појасот Дарикент, областа Тунџели, на 11 септември 1994 година терористите стрелаа 6 учители. По еден месец од овој настан, терористите на ПКК киднапираа 5 учители од областа Ерзурум. Терористите на ПКК убија четворица од учителите.
Во селото Хамзали во Дијарбакир, во првиот ден од 1995 година, терористичката организација уби 20 лица, меѓу кои имаше деца, жени и стари лица.
- Во 2000-тите години цел на нападите на терористите беа цивилите од градовите
Крволочната организација, која во руралните предели претрпе големи загуби против безбедносните сили, во 2000-тите години се насочи кон центрите на градовите, сакајќи да создаде паника и страв меѓу населението. Организацијата, овој пат во нападите во градовите, користеше бомбаши-самоубијци и стапици со бомби, сакајќи да го заплаши цивилното градско население. На 9 јули 1998 година на Египетскиот пазар во Истанбул, кој постојано е преполн со луѓе, терористите на ПКК извршија бомбашки напад. Експлозијата уби 7 лица, а рани 121 лице.
На 22 мај 2007 година во Анкара, во чаршијата Анафарталар изведен е самоубиствен бомбашки напад. Во нападот загинаа 9 лица, а повеќе од 100 се ранети.
Во истанбулската населба Ѓунѓорен, на 27 јули 2008 година ПКК постави две бомби кои експлодираа во временски интервал од 10 минути. Во експлозијата загинаа 18 лица, од кои 5 деца, а 154 лица беа ранети.
Во населбата Халкали, на 22 јуни 2010 година терористите на ПКК изведоа бомбашки напад врз возило на Војската. Во нападот животот го загубија 5 лица, од кои 1 лице беше ученик.
Терористите на 20 септември 2011 година во Анкара спроведоа уште еден напад. Во експлозијата што се случи на улицата Кизилај Кумрулар, загинаа 3 лица, додека 34 се ранети.
На 15 декември 2016 година во Дијарбакир извршен е бомбашки напад со возило-бомба врз центарот за контрола на сообраќајот. Во нападот загинаа 5 полицајци и 2 цивила, од кои 1 дете.
Во градот Џизре во областа Ширнак, на 26 август 2016 година терористите на ПКК извршија напад врз командата на силите за брза интервенција. Во нападот загинаа 11 полицајци, а ранети се 78 лица, меѓу кои и едно 7-месечно бебе.
Во гратчето Чинар во областа Дијарбакир, на 13 јануари 2016 година терористите изведоа бомбашки напад со возило-бомба врз локалната полициска команда и објектот за домување. Во нападот загинаа 1 полициски службеник и 6 цивили, од кои 3 деца на возраст од 5 месеци, 5 години и 12 години. Од експлозијата беа ранети 39 лица.
На 13 март 2016 година терористите на ПКК изведоа напад во близина на Кизилај Ѓувенпарк во кој животот го загубија 36 лица. Меѓу ранетите се најде трудницата Сонѓул Јилмаз во шестиот месец на бременоста, чие бебе беше најмладата жртва на терористичките напади на ПКК.
На 10 август 2016 година, во месноста Сур во Дијарбакир, терористите на ПКК изведоа бомбашки напад со возило-бомба врз полициско возило. Во нападот загинаа мајка со две ќерки и две внуки, а ранети беа 12 лица, од кои 5 полицајци.
news_share_descriptionsubscription_contact
