Турција

Пензиониран кројач од Газиантеп чита во библиотека од утро до мрак станувајќи пример за младите

Узак, кој живее во областа Шахинбеј, секој ден пешачи до народната библиотека „Шахинбеј“, каде што е познат како најстар и најредовен посетител.

Ömer Faruk Salman  | 03.04.2026 - Обновена : 03.04.2026
Пензиониран кројач од Газиантеп чита во библиотека од утро до мрак станувајќи пример за младите Фото: Ömer Faruk Salman/AA

ГАЗИАНТЕП (АА) - ОМЕР ФАРУК САЛМАН - Ибрахим Халил Узак, 76-годишен пензиониран кројач од турскиот град Газиантеп, со неуморната љубов кон книгата и часовите минати во библиотека станува вистински пример и инспирација за младите генерации, пишува Анадолу.

Узак, кој живее во областа Шахинбеј, секој ден пешачи до народната библиотека „Шахинбеј“, каде што е познат како најстар и најредовен посетител. Поголем дел од денот го поминува во тишина меѓу книгите, пронаоѓајќи го во книгите она што му недостасувало низ годините.

Неговото образование било прекинато уште во основно училиште. Узак долги години работел како кројач, занает што го учел од дете. Сепак, големата желба за учење и читање, која му останала како неостварен сон низ годините, почнал целосно да ја остварува по заминувањето во пензија.

Речиси една година Узак секој ден ја посетува библиотеката, неговата авантура со пишаниот збор почнува рано наутро и трае до вечерните часови.

Помеѓу полиците со книги и списанија, тој најчесто избира дела со религиозна содржина и книги со општокултурна содржина.

- Библиотеката е мојот втор дом -

Ибрахим Халил Узак за Анадолу раскажа дека синот го поттикнал да го направи овој чекор, со каење во гласот што не почнал порано:

„Откако се пензионирав, син ми ми рече: 'Татко, ако ти е здодевно, оди поминувај време во библиотека.' Дојдов, ми се допадна мирот овде. Повеќе од една година не сум пропуштил ден. Доаѓам наутро во 9 часот и останувам до вечер. Читам сè, од верски до книги со општокултурна содржина, а сè што е важно го запишувам во тетратка.“

Узак се потсетува на тешките времиња по војската кога желбата за читање му се зголемила, но работата не му дозволувала да му се посвети. Со тага се сеќава на денот кога татко му го извадил од училиште: „Учев само шест години во основно училиште. Една година повторував, па татко ми ми рече: 'Од тебе не бидува ученик' и ме прати на занает. Тогаш бев дете, не се спротивставив, станав кројач.“

- Едно дело го завршува за една недела -

Стариот мајстор вели дека читањето му носи неизмерна среќа. Тој не брза во читањето, туку сака секој збор добро да го разбере.

„Ако читам постојано, за една недела ја завршувам книгата. Сакам да читам полека, со разбирање. Мој совет до младите: не губете го времето залудно. Дојдете овде, научете нешто ново. Во денешно време најлошо е да се биде неук.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın