Турција, живот

„Коњаникот од падините“ на Кападокија со својата Мелек ги открива неистражените патеки

Секое утро тој го започнува на ергелето во Ѓореме, каде што прво се грижи за своите „пријатели”, коњите, а потоа ја подготвува својата миленичка, кобилата Мелек, за нова авантура низ патеките каде што човечка нога ретко стапнува

Behçet Alkan  | 03.04.2026 - Обновена : 03.04.2026
„Коњаникот од падините“ на Кападокија со својата Мелек ги открива неистражените патеки Фото: Behçet Alkan/AA

НЕВШЕХИР (АА) - БЕХЧЕТ АЛКАН - Сарп Кутси Појраз (32), кој веќе 25 години не се симнува од седлото во „Земјата на убавите коњи“, по турите кои ги организира за туристите, во слободното време на коњ ги освојува и најскриените и најнепристапните врвови на турска Кападокија, пишува Анадолу.

Појраз, кој во регионот е познат како „Коњаникот од падините“ поради својата љубов кон овие благородни животни што започнала на само 7-годишна возраст, речиси 25 години оди во истражување на падините прекриени со „самовилски оџаци“.

Секое утро тој го започнува на ергелето во Ѓореме, каде што прво се грижи за своите „пријатели”, коњите, а потоа ја подготвува својата миленичка, кобилата Мелек, за нова авантура низ патеките каде што човечка нога ретко стапнува.

Често искачувајќи се на врвови каде што нема пристап за возила, Појраз од височините го набљудува единствениот уникатен пејзаж создаден од балоните на топол воздух што летаат низ долините.

Сарп Кутси Појраз за Анадолу рече дека пејзажот на Кападокија, кој за посетителите претставува туристичко искуство, за него е дел од секојдневниот живот.

Раскажува дека без оглед дали е лето или зима, секое утро доаѓа на ергелето при изгрејсонце и се грижи за коњите кои ги нарекува свои „пријатели“.

„Во моето детство, нашиот сосед имаше коњи. Прво сакав само да ги допрам, а потоа и да ги јавам. Соседот ме обучуваше. По таа обука, почнав сам да учам. Подоцна, секако, со професионални обуки стигнавме до ова ниво. За да ја оправдам титулата 'Коњаник од падините', не оставам место каде што не поминала потковица“, вели тој.

- „Се гледам себеси на коњ и на 60 години“ -

Појраз го опишува патувањето на коњ како еден од најефикасните начини за откривање на непознатите убавини на Кападокија, истакнувајќи дека ужива да биде сам со природата во внатрешноста на долините, на падините и на ридовите.

Кападокија е една од најпогодните географски области за јавање.

„Моето пријателство со коњите е врска што не можам да ја опишам. Коњите се најчувствителните животни на светот. Јавањето е спорт каде што две суштества се спојуваат во едно тело. Ако се одвојам од нив, тоа би ми било вистинско мачење. Се будам наутро, ги отворам очите и веднаш сум кај нив. Дури и кога се враќам дома навечер, мислите ми се кај коњите. Имам 32 години, но се гледам себеси на коњ и на 60 години. И на таа возраст ќе продолжам да ги откривам убавините на Кападокија.“

„Кападокија најдобро се открива на коњ при изгрејсонце“, вели Појраз.

„Историската и природна структура на Кападокија и нејзината тишина, многу полесно можете да ги почувствувате и видите при изгрејсонце. Се искачувам на највисоките точки, како месноста Актепе. Таму, каде што никој не стапнал, ги гледам балоните и ја чувствувам историјата на оваа земја.“

Посочувајќи дека домашните и странските туристи кои доаѓаат во регионот покажуваат голем интерес за турите со коњи, Појраз истакна дека со задоволство ги спроведува овие активности.

Тој дополнително работи и како волонтерски водич, промовирајќи ги местата кои претходно ги истражил и регионот каде што е роден и израснат.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın