Ömer Koparan,Adham Kako,Selen Temizer
17 Јануари 2018•Ажурирај: 18 Јануари 2018
АЛЕПО/АНКАРА (АА) - ОМЕР КОПАРАН/АДАМ КАКО - Околу 250.000 цивили кои побегнаа од Тел Рифат исчекуваат завршување на окупацијата и заканите на терористите на ПЈД/ПКК во Африн, за да можат да се вратат во своите домови, пишува Anadolu Agency (AA).
Терористите на ПЈД/ПКК од јули 2012 година под окупација го држат пограничното подрачје на Африн во Сирија, а во февруари 2016 година го зазедоа и соседното подрачје Тел Рифат, кое припаѓа на Алепо и кое воглавно го населуваа Арапите.
Поголемиот дел од граѓаните на Тел Рифат побегнаа во пограничниот град Азаз, кој е под контрола на силите на умерената сириска опозиција.

Челникот на Локалниот совет на Тел Рифат, Махмур Алито, за АА изјави дека во бегалските шатори во Азаз престојуваат околу четврт милион бегалци од Тел Рифат и дека сите го исчекуваат враќањето кое ќе биде можно дури по ослободувањето на Африн од терористите на ПЈД/ПКК.
„Со ставање крај на присуството на терористите на ПЈД/ПКК во Африн и околните места ќе биде овозможено враќање на бегалците и нормализација на животот во тој регион“, изјави Алито.
Истакнувајќи дека терористите на ПЈД/ПКК се голема закана за цивилите во регионот, Алито изјави дека сите оние кои избегаа се гневни на ПЈД/ПКК бидејќи терористите ја окупираа нивната земја и им ги ограбија домовите.
Паралелно со тоа, терористите на ПЈД/ПКК често извршуваат артилериски напади од Африн врз цивилите пребегани во соседниот град Азаз.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во јули 2012 година, без судири им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Тој стана еден од главните центри на оваа терористичка организација.
Станува збор за планинско подрачје од кое терористите можат да извршуваат артилериски напади на пограничниот турски град Килис и на некои делови на Хатај. Планината Аманос во тој регион со години е позната како рута којашто терористите на ПЈД/ПКК ја користат за премин од Сирија во Турција. Африн има уште едно геополитичко значење бидејќи терористите на ПЈД/ПКК преку него сакаат да го освојат коридорот до брегот на Средоземното Море.
Терористите од Африн претставуваат закана и за цивилите во соседните сириски градови, кои од терористите на ДЕАШ беа ослободени со офанзивата „Штитот Еуфрат“, вклучувајќи го Идлиб, кој беше прогласен за зона без судири.
Турција со претходната офанзива „Штитот на Еуфрат“ ги оддалечи терористите на ДЕАШ од своите граници, а со цел да го спречи ширењето на терористите на ПЈД/ПКК долж пограничниот појас, го најави Африн како следна цел.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, пред два дена рече дека турските сили ги завршиле подготовките и дека офанзивата може да започне во секој момент.
Ова предизвика голема паника во редовите на терористите на ПЈД/ПКК, кои ги интензивираа активностите во засолништата на планинските падини околу Африн.
Терористите поставија и голем број упоришни точки во самиот град, за да можат локалните цивили да ги користат како штит. Терористите на ПЈД/ПКК моментално под окупација држат 65 отсто од сириската граница со Турција.