Can Erözden
22 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
АНКАРА (АА) – „Туркиш ерлајнс“ ќе транспортира 60 тони хуманитарна помош во вредност од два милиони долари во Сомалија, како дел од кампањата на ѕвездата на Вајн и Снепчет, Џером Џар, јавува Anadolu Agency (AA).
Холивудската ѕвезда Бен Стилер, преку социјалната мрежа „Твитер“ ги повика „Туркиш ерлајнс“ да понудат еден од нивните авиони за да се испрати помош во Сомалија.
Многу корисници на „Твитер“ од сите делови на светот ја поддржаа оваа онлајн-кампања, која започна со хаштагот '#TurkishAirlinesHelpSomalia (Туркиш Ерлајнс помогни ѝ на Сомалија).
На 17 март, „Туркиш ерлајнс“ одговори на социјалната мрежа Твитер: „Подготвени за полетување за да ѝ се помогне на Сомалија“.
Авиокомпанијата, исто така, преку објава ја изрази и својата љубов кон Сомалија: „Добивме повик за овој значаен лет“.
Целта да се собере помош од 2 милиони долари беше постигната денес, откако 75.000 луѓе донираа средства за кампањата.
Портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, телефонски разговараше со холивудската ѕвезда а подоцна напиша на Твитер: „Големо и милосрдно дело од страна на Бен Стилер и неговите пријатели за луѓето во Сомалија. Ние сме подготвени да помогнеме“.
На 4. март, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го повика народот да учествува во кампањата за помош на Турската Црвена полумесечина за Сомалија.
Претседателот на Црвената полумесечина, Керем Киник, му се заблагодари на Стилер за подигањето на свеста во врска со ова прашање и изјави дека добротворната организација подготвила три бродови и три карго авиони за да испрати помош до Јемен, Сомалија и до Јужен Судан преку „Туркиш ерлајнс“.
Според ОН, повеќе од 20 милиони лица во источна Африка се на работ од гладување, вклучувајќи околу 1,4 милиони деца.
Турција од 2011 година, преку Претседателство за справување со природни катастрофи и вонредни состојби, Турската црвена полумесечина и Директоратот за верски прашања, има обезбедено повеќе од 121,9 милиони долари помош.