Sarp Özer
23 Март 2017•Ажурирај: 23 Март 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на британската премиерка Тереза Меј ѝ испрати порака со сочувство по повод денешниот напад во близина на Парламентот во Лондон, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сакам да истакнам дека Турција длабоко сочувствува и ја споделува болката со Обединетото Кралство. Турција секогаш се солидаризирала со пријателот и сојузникот Обединетото Кралство во борбата против тероризмот, кој претставува една од најголемите закани за глобалниот мир и безбедност“, рече Ердоган.
Тој посочи дека изразува длабоко сочувство до семејствата на загинатите како и до британскиот народ, а на повредените им посакува брзо закрепнување.
Во терористички напад во Лондон загинаа четири, а повредени се 20 лица, соопшти полицијата. Лондонската полиција во соопштението наведе дека меѓу 20-те повредени има и еден полицаец.
„Сметаме дека нападот е изведен од страна на еден напаѓач. Тој е неутрализиран“, се додава во соопштението на полицијата.
Британската полиција по нападот во близина на парламентот во Лондон им порача на своите граѓани да не се движат во близина на подрачјето на Вестминстер.