Mustafa Melih Ahıshalı
04 Октомври 2021•Ажурирај: 05 Октомври 2021
КАБУЛ
Турскиот амбасадор во Кабул, Џихад Ергенај, рече дека Турција доставила во Авганистан 33 тони хуманитарна помош во храна и дека турската Црвена полумесечина и нејзините други хуманитарни организации ќе продолжат со испораката на помош за авганистанскиот народ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турската Црвена полумесечина во Кабул ѝ предаде контингент помош на авганистанската Црвена полумесечина, а амбасадорот Ергинај истакна дека турските хуманитарни организации продолжуваат да испраќаат помош до авганистанскиот народ, бидејќи тоа го гледаат како задача на човештвото.
Потсетувајќи дека Турција претходно испратила помош за авганистанскиот народ и дека најголем дел од таа помош е наменета за раселените лица, Ергинај ги повика сите земји да се вклучат во решавањето на хуманитарната криза во Авганистан.
„Денешниот контингент е нова фаза од нашата помош. Обезбедивме 33 тони храна. Тоа се речиси 2.000 пакети со храна за 16.000 луѓе. Помошта беше обезбедена од турската Црвена полумесечина, а авганистанската Црвена полумесечина ќе ни помогне во распределбата. Зимата доаѓа наскоро и ние подготвуваме нова помош“, рече Ергенај.
Нагласувајќи дека кризата во Авганистан не е само резултат на транзицијата на државната власт, туку и резултат на суша, пандемијата на Ковид-19 и други природни катастрофи, Ергинај истакна дека Турција нуди рака за помош за да се намалат страдањата на луѓето во Авганистан.
Претседателот на авганистанската Црвена полумесечина, Сифатула Куреши, ѝ се заблагодари на Турција за помошта и предупреди дека Авганистан штотуку излегол од војната и дека хуманитарната криза расте.
„Меѓу 19 и 25 милиони луѓе се погодени од сушата и економската криза. Сакаме да продолжи помошта од пријателска и братска Турција и Црвената полумесечина“, рече Куреши.
Претставникот на турската Црвена полумесечина за Авганистан, Махфузулах Јолдаш, за АА изјави дека официјалната канцеларија на таа турска хуманитарна организација во Кабул работи континуирано од 2018 година.
„Продолжуваме да им помагаме на луѓето во Авганистан. Ние соработуваме со авганистанската организација на Црвената полумесечина и работиме низ целиот Авганистан. Оваа помош ќе биде дистрибуирана во Кабул, Џалабалад и Газни“, рече Јолдаш, најавувајќи го претстојното пристигнување на контингент помош со зимска облека и храна.