Ahmet Emin Dönmez
04 Октомври 2021•Ажурирај: 05 Октомври 2021
ЈАУНДЕ
Тројца руски платеници (група „Вагнер“) ги загубија животите во нападот на бунтовниците во регионот Мамбере-Кадеи, во западниот дел на Централноафриканската Република, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите на националните медиуми, членовите на бунтовничката група Коалиција на патриоти за промена (CPC) подготвиле заседа за конвојот од руски платеници во близина на селото Бомбо во областа Мамбере-Кадеи.
Во заседата 3 руски платеници ги загубија животите, а 2 војници се тешко повредени.
По инцидентот, за руските платеници во регионот се испратени хеликоптери.
Експертите за човекови права на Обединетите нации (ОН), во својот извештај објавен на 31 март, истакнаа дека руската група „Вагнер“, која дејствува заедно со Владата, стои зад насилните напади и кршењето на човековите права што продолжија во Централноафриканската Република по претседателските избори на 27 декември 2020 година.
Прекршувањата вклучуваат масовни егзекуции, произволни притвори, тортура за време на сослушувањата, присилно раселување на цивилното население, неселективно целење на цивилни објекти и зголемени напади врз хуманитарни актери.
Платениците на групата „Вагнер“ дејствуваат во Централноафриканската Република, Судан, Либија и Мозамбик за да ги обучуваат локалните армии, да штитат важни личности, да се борат против бунтовничките или терористичките групи и да ги заштитат рудниците за злато, дијаманти и ураниум на местата каде што има жаришта.