Meriç Ürer
22 Јуни 2021•Ажурирај: 23 Јуни 2021
ИЗМИР (АА) - Во акцијата спроведена во 40 градови во Турција, меѓу кои е и Измир, а што беше насочена против структурите на терористичката организација ФЕТО во Турските вооружени сили (ТСК), од слобода се лишени 94 од 132 лица за кои е распишан налог за приведување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на истрагата на Обвинителството во Измир, продолжени се операциите против структурите на ФЕТО во Вооружените сили.
Во 40 градови, меѓу кои и Измир, издадени се налози за приведување на 132 лица осомничени за поврзаност со терористите на ФЕТО, а меѓу нив се наоѓаат и воени лица во активна служба.
Досега се приведени 94 лица.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО со монтиран процес за наводна корупција во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.