Faruk Zorlu
22 Јуни 2021•Ажурирај: 23 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Во Турција од утре, во рамките на имунизацијата против коронавирусот, термин за вакцинација ќе добијат сите граѓани над 25-годишна возраст, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Старосната граница за закажување на вакцинација е намалена на 25 години. Младите нека разговараат за вакцинацијата и нека им помогнат на постарите кои ја имаат одложено вакцинацијата. Термини може да се добијат од утре и нека младите се активираат во борбата против пандемијата“, порача турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, преку Твитер.
Според Министерството за здравство, од средината на јануари, кога во земјата стартуваше кампањата за масовна вакцинација, досега администрирани се над 43 милиони дози од вакцините.
Над 28,5 милиони луѓе ја имаат примено првата доза, додека над 14,5 милиони се целосно вакцинирани.
Инаку, Турција вчера објави дека во изминатите 24 часа регистрирани се 5.294 нови случаи на коронавирусот, како и 51 смртен случај и 5.093 оздравени пациенти.
Во услови на пад на бројот на заразени со Ковид-19 на целата територија на земјата, Турција треба да го укине полицискиот час од следниот четврток, 1 јули.