Kasım İleri
05 Октомври 2021•Ажурирај: 06 Октомври 2021
ВАШИНГТОН
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Пентагон разговараа за иднината на алијансата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг се сретна со Остин во Пентагон, како дел од неговите средби во Вашингтон.
Остин, во кратката изјава пред состанокот, рече: „Силата на НАТО не доаѓа само од воената сила, туку од неговото единство и чувството за заедничка цел.“
Изразувајќи благодарност за вложените напори, Остин му се заблагодари на Столтенберг што беше лидер на алијансата во процесот на повлекување од Авганистан и евакуација од Кабул, главниот град на Авганистан, минатиот месец.
Генералниот секретар на НАТО во таа пригода изјави: „НАТО е поважен од кога било, бидејќи се соочуваме со поконкурентен свет. Ја гледаме Русија со нејзините агресивни дејствија, гледаме поамбициозна Кина која ја користи својата економска и воена моќ. Исто така, ние се соочуваме со кибер, терористички и многу други закани.“
Наведувајќи дека не постои континент, ниту земја која може сама да се соочи со овие предизвици, Столтенберг истакна: „Ние како Северна Америка и Европа, во НАТО мора да сме во заедништво и да ја прилагодиме Алијансата на променливата безбедносна средина.“
Остин и Столтенберг разговараа за многу прашања, првенствено за процесот на повлекување од Авганистан, за дипломатската криза на Франција откако САД и Велика Британија склучија трипартитен сојуз со Австралија по што беше поништен претходниот договор на Франција со Австралија, и за изјавата на Франција за намалување на своето воено присуство во Африка.