Andaç Hongur,Halil İbrahim Başer
23 Февруари 2016•Ажурирај: 24 Февруари 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција со односот кон сириското прашање стана „гласот на совеста” на целиот свет и дека го спаси достоинството на човештвото, но дека ситуацијата ги преминала рамките на нејзините можности за да може сама да го носи сиот товар на проблемите, јавува Anadolu Agency (AA).
Во истанбулскиот хотел Конрад се одржува 6-от Форум за партнерство со Сомалија, а претседателот Ердоган во воведното обраќање на присутните им истакна дека целта на собирот е да се зборува за одговорноста на меѓународната заедница во процесот на развој на Сомалија и решавање на проблемите со кои се соочува таа африканска земја во последните години.
Нагласи дека голема важност му придава на Форумот како човек кој повеќепати ја посетил Сомалија и се уверил во проблемите на народот од таа земја.
Истакнувајќи дека во текот на посетата во 2011 и 2015 година, се уверил дека Сомалија почнала да стои на свои нозе и да се гради од пепел, Ердоган порача дека Турција и понатаму ќе помага во воспоставување на безбедноста, политичката стабилност, благосостојбата и просперитетот на сомалискиот народ.
Потсетувајќи дека Турција досега направила бројни проекти за помош на народот во Сомалија, вклучувајќи изградба на болници, водоводи и други инфраструктурни објекти, Ердоган рече дека Сомалија е симбол и показател на односот каков што сака да го има Турција со земјите од Африка.
„Ние и понатаму, во соработка со меѓународната заедница и земјите од регионот, ќе работиме на изградба на мирот, стабилноста и развојот на Сомалија. Нашиот став е дека меѓународната заедница мора многу поактивно да се спушти на терен и да ги интензивира активностите за поддршка на Сомалија”, рече Ердоган.
Турскиот претседател додаде дека далечината и границите изгубиле важност, а најдобар пример за тоа е фактот што кризата во Сирија и Ирак, тероризмот и бегалската криза се одразуваат ширум светот.
Ердоган се осврна и на случувањата во Сирија при што рече дека дека досега во војната загинале над 400.000 луѓе а раселени се 12 милиони луѓе.
„Турција денес е земја во која се згрижени најголем број бегалци во светот. Воедно сме и земја со најголем пораст на хуманитарна помош во однос на националниот доход. Со својот однос кон сириското прашање претставуваме гласот на совеста на светот и го спасивме достоинството на човештвото”, рече Ердоган и додаде дека Турција ова не го прави пресметано, ниту прикриен интерес, туку исклучиво смета дека тоа е човечка обврска.
Додаде дека тероризмот е глобална закана за безбедноста и мирот и дека нема никаква разлика помеѓу терористичките групи, како и тоа дека Турција е земја која е најмногу погодена со терористички напади и закани.
„Турција веќе 30 години се бори против терористичката сепаратистичка организација ПКК. Според нас нема разлика помеѓу терористичките групи Ал-Шабаб, ДАЕШ, Ал-Нусра, ПКК, ПЈД или ЈПГ, сите тие се исти терористички формации. Тероризмот е тероризам, без оглед на тоа каде и кој го спроведува. Нема лоши и добри терористи, тие сите се терористи”, заклучи Ердоган.
На Форумот во Истанбул присуствуваа високи делегации од Сомалија, Турција, Обединетите нации и други земји како и меѓународни организации.