АНКАРА (АА) - Резултатите од општите избори во Индија, објавени на 23 мај, покажаа убедлива победа за партијата „Бхаратија Џаната“ и втор мандат за премиерот Нарендра Моди. Маратонскиот процес на гласање што траеше повеќе од пет недели започна на 11 април. Општите избори во Индија претставуваат огромен потег и најголемото спроведување на демократијата во светот.
Во разговор за Anadolu Agency, индискиот амбасадор во Турција, Санџај Батачарја, говореше за различните аспекти на индиската демократија. Тој, исто така, се осврна и на приоритетите на новата влада и растечките односи со Турција.
Anadolu Agency: Спроведувањето на изборите во Индија претставува огромен потег. За оние кои се помалку запознаени, може да наброите кои се предизвиците за да им се обезбеди на луѓето слободен избор на своите претставници?
Амбасадорот Санџај Батачарја: Индиските избори се најголем фестивал на демократијата во светот, и тие се одбележуваат со весело расположение. На изборите излегоа над 900 милиони гласачи. Има неверојатни приказни за посветеноста на лицата кои работеа на изборите минувајќи низ 60 километри џунгла за да соберат еден глас, или да им помогнат на постарите гласачи да гласаат од стариот трошен дом, или пак да се грижат за бебето, додека мајката гласа и многу слични благородни случки. Изборите беа спроведени од страна на независната Изборна комисија на Индија во седум фази со цел да се обезбедат слободни и фер избори и да се поттикне максималното учество. Поради користењето на електронски машини за гласање (EVMs), резултатите се објавуваат во рок од еден ден, иако постојат изборни единици со над 2 милиони гласачи.
Anadolu Agency: Кампањата за време на штотуку завршените избори понекогаш станува горчлива. Кои се научените лекции? И дали има потенцијал за долгорочно влијание врз индиската политика?
Батачарја: Изборите се вистински тест за демократијата во која гласачите се врховни владетели. Со оглед на енергичноста на демократската традиција на Индија, природна е жестоката борба од страна на кандидатите на изборите. Но, тие сите сфаќаат дека мора да одговорат на етосот на Индија и на аспирациите на луѓето. На крајот, сите го прифаќаат исходот од изборите и работат на заедничката агенда.
Anadolu Agency: Политичките партии во Индија честопати го покренуваа прашањето за веродостојноста на електронските машини за гласање. Колку овие машини се изолирани од какви било манипулации и дали е сега комплетно одлучено дека Индија никогаш повеќе нема им да се врати на хартиените гласачки ливчиња и кутии?
Батачарја: Електронските машини за гласање се знак на огромен технолошки напредок во доменот на спроведувањето на изборите. Тие се самостојни уреди кои не се поврзани со интернет, и врз кои не можат да се прават измени. Сепак, како одговор на загриженоста, сите индиски електронски машини за гласање имаат прикачена хартија за да се анулира загриженоста на гласачите.
Anadolu Agency: Кога ќе ги погледнеме последните избори во Соединетите Американски Држави (САД), имаше наводи за мешање на странски сили и нивно влијание врз изборот на гласачите. Како Индија ги изолира своите системи од такви странски влијанија?
Батачарја: Нашите демократски традиции се силни, и независноста на нашите институции ја промовираат вербата во демократијата. Индискиот гласач го познава својот ум и не може лесно да биде одвлечен од неговите убедувања.
Anadolu Agency: Криминалот и парите во текот на годините се чинат како дел од индиските избори. Порастот на бројот на кандидати со криминални случаи против нив, ги оспорува изборите. Кои се потезите за проверка на таквата тенденција?
Батачарја: И Владата и граѓанското општество работеа на минимизирање на таквите ефекти преку рестриктивни закони и прописи во изборниот процес.
Anadolu Agency: На овие избори видовме како победуваат кандидати кои дури го критикуваа и индискиот борец за слобода Махатма Ганди, кон кого луѓето од целиот свет со респект гледаат на неговата филозофија против насилството. Што индицира ова, насоката што Индија може да ја преземе?
Батачарја: Статусот на Махатма Ганди како Татко на нацијата и како морален компас за бројни генерации Индијанци останува непроменет.
Anadolu Agency: Процентот на гласови во Џаму и Кашмир, каде што живее мнозинско муслиманско население, драстично се намали од 31,05 отсто во 2014 година на 19,04 отсто во 2019 година. Зошто постои апатија во однос на демократскиот процес и какви чекори се преземаат за влевањето доверба?
Батачарја: Државата Џаму и Кашмир беше место на интензивни прекугранични терористички напади од Пакистан, кои предизвикаа големи потешкотии за населението. Но, жителите се решени да ги изразат своите уставни права и да учествуваат во демократскиот процес како и остатокот од земјата. Сите главни политички партии учествуваа на изборите.
Anadolu Agency: Се чини дека најголемото малцинство во Индија не е соодветно застапено во Парламентот. Од владејачката алијанса на изборите победи само еден муслимански кандидат. Многу луѓе велат дека овој тренд е одраз на плуралистичките квалификации на Индија. Дали има некакви чекори за обезбедување на соодветна застапеност на оваа голема заедница муслимани во системот?
Батачарја: Индија е секуларна земја, одделната застапеност за хиндусите и муслиманите беше практикувана во колонијалниот период. Сите индиски државјани уживаат еднакви можности според Уставот во независна Индија.
Anadolu Agency: Изборите стануваат скапа работа во Индија. Може да видиме дека политичките партии сѐ повеќе се потпираат на богати кандидати, кои можат да ги подмират трошоците. Кои се чекорите што се преземаат за да се воспостави еднакво поле за мегдан, за да се обезбеди вистински политички работници да ги претставуваат луѓето во законодавните тела?
Батачарја: Постојат одреден број закони и прописи кои обезбедуваат ограничувања во однос на изборните трошоци од страна на кандидатите. Се разгледуваат и повеќе реформски мерки за дополнително подобрување на ситуацијата.
Anadolu Agency: Изборите во Индија завршија, што ќе бидат приоритетите на новата Влада - за време на вториот мандат на премиерот Моди?
Батачарја: Премиерот Моди е изгласан повторно на функцијата од страна на луѓето поради успесите во раководењето, развојот и безбедноста. Тие ќе продолжат да бидат приоритетите и на новата Влада.
Anadolu Agency: Дали гледате каква било промена во однос на визијата на новата Влада во однос на нејзините приоритети на дипломатскиот фронт?
Батачарја: Индиската дипломатска агенда ќе продолжи да се фокусира на унапредување на стратешката автономија. Ова ќе се реализира со фокусирање на економскиот раст од една страна, и зајакнување на нашиот дипломатски ангажман во глобализираниот свет од друга страна. Гледаме една промена кон мултиполарноста и потреба за поголема демократија, фокус кон развојот, транспарентност и систем базиран на правила во реформираниот глобален поредок.
Anadolu Agency: Кои прашања се од непосредна итност за новата Влада во однос на безбедноста и дипломатијата?
Батачарја: Прекуграничниот тероризам од Пакистан влијае на безбедноста не само во Индија, туку и во другите земји од регионот. Со нетрпение очекуваме преземање активности заедно со глобалната заедница во преземањето мерки за справување со оваа закана, и заштита на цивилизираниот свет.
Anadolu Agency: Како дипломатски претставник на Индија во Анкара, како ги гледате билатералните односи меѓу Индија и Турција за време на вториот мандат на Владата на премиерот Нарендра Моди?
Батачарја: Сведоци сме на силен импулс и конкретни мерки за продлабочување на соработката во билатералните односи меѓу Индија и Турција во последниве години. Премиерот Моди и претседателот Ердоган имаат многу добро разбирање. Тие ќе продолжат со средби на високо ниво и во вториот мандат. Во минатото, тие често се среќаваа (посетата на Моди во 2015 година на Анталија и посетата на Ердоган во 2017 година во Њу Делхи, за време на самитот на Г-20 во Ханчоу и на БРИКС во Јоханесбург) како и бројни телефонски разговори. Тие им дадоа насока и содржина на нашите билатерални односи со позитивни чекори во политичко-безбедносната, економската и културната сфера. Двајцата лидери беа реизбрани. Убеден сум дека нашите билатерални односи ќе продолжат да се продлабочуваат и да се прошируваат кон нови хоризонти. Нашите односи ќе нѐ направат природни партнери во 21. век и главни актери во регионалните и глобалните прашања.
Anadolu Agency: Кои се тенденциите меѓу двете земји што треба да ги градиме со цел да ги зајакнеме односите? Исто така, кои се предизвиците што треба да се решат?
Батачарја: Индија и Турција ги имаат развојот и демографската дивиденда во нивна полза. Како членки на групата Г-20 и нивните брзо растечки економии, имаме потенцијал за зголемување на економскиот ангажман, и билатерално и во трети земји, за заемна корист. Ние исто така работиме на поблиска координација во однос на политичките и безбедносните прашања, и играме поголема улога во регионалните и глобалните прашања. Индија и Турција се соочуваат со слични предизвици во прекуграничниот тероризам и имаат заедничка одговорност за справување со оваа закана и атак во корените на поддржувачите на тероризмот. Слично, заедно можеме да одговориме на предизвиците во однос на климатските промени, мултилатералниот пристап кон трговијата и развојот, како и за други глобални прашања. Гледам огромна перспектива за интензивирана соработка и ангажман во овие витални области и зајакнување на билатералниот ангажман во сите сектори.
news_share_descriptionsubscription_contact
