Ahmet Furkan Mercan
22 Март 2017•Ажурирај: 23 Март 2017
АНКАРА (АА) - Научниците од Морскиот научен институт при Блискоисточниот Технички универзитет (METU) во Анкара ќе ги истражуваат ефектите од глобалното затоплување, на 2.500 метри под површината на океанот, јавува Аnadolu Agency (AA).
Мустафа Јуџел од Морскиот научен институт при споменатиот универзитет МЕТУ, денес, во интервју за АА говореше во врска со истражувањата што ќе се спроведат заедно со американските научници, како дел од меѓународен проект.
Јуџел истакна дека научниците ќе нуркаат во источниот дел на Пацификот, западно од Костарика, во подморница обложена со титаниум.
Тој истакна дека истражувањето ќе се изведе во соработка со Универзитетот во Делавер, и додаде: „Со спуштање преку едночасовен слободен пад, планираме да стигнеме на длабочина од 2.500 метри и да спроведеме истражување на океанското дно во времетраење од околу седум часа“.
- Подводни вулкани -
Јуџел нагласи дека научниците ќе се спуштат на овие длабочини со цел да соберат податоци за подобро одредување на влијанието на подводните вулкани врз климатските промени.
„На местото каде што ќе нуркаме постојат вулкани во форма на планински масиви на океанското дно, така што во подрачјето постојат хидротермални отвори. Топлата вода со себе носи метали како железо, злато и сребро – вреден минерален талог. Ние ги истражуваме овие минерални талози.
Тој додаде: „Живите суштества во океанот го апсорбираат вишокот јаглероден диоксид од атмосферата. Глобалното затоплување е фактор во ова“.
Јуџел вели дека преку анализа на податоците од океанското дно, тие сакаат да направат предвидувања за идните состојби.