Ekipa
22 Март 2017•Ажурирај: 23 Март 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Судот во Истанбул донесе одлука за распишување потерница по водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, и уште за неколку лица, во рамките на истрагата за убиство на турско-ерменскиот новинар Хрант Динк во 2007 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинителството во Истанбул вчера упати барање за распишување потерница по водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, и уште за неколку лица, на кое судот одговори за кратко време.
Во соопштението на судот се наведува дека моментално не е можно да се стапи во контакт со осомничените, ниту да се утврдат адресите на нивниот престој, така што е одлучено да биде распишано одделно обвинение за секој од нив.
Распишани се потерници за водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, за поранешниот обвинител во бегство, Зекерија Оз, потоа за новинарите Фарук Мерџан, Екрем Думанли и Адем Јавуз Арслан, како и адвокатот Халил Ибрахим Коч. Сите тие се поврзани со убиството на турско-ерменскиот новинар Хрант Динк.
Поранешниот член на турската жандармериска единица во Истанбул, Јусуф Бозџа, кој е уапсен во рамките на истрагата за убиството на турско-ерменскиот новинар Хрант Динк во 2007 година и со мерки на забрана е пуштен на слобода, претходно изјави дека убиството на Хрант Динк го организирала терористичката организација ФЕТО/ПДЈ, и дека со ова убиство се поставени темелите за последниот обид за државен удар во таа земја.
Хрант Динк е убиен во 2007 година, додека беше уредник на неделниот весник „Агос“, еден од најистакнатите ерменски весници во Турција. Неговиот убиец, Огун Самаст, кој во времето на убиството имаше 17 години, е осуден во 2011 година и моментално ја издржува затворската казна во траење од 23 години.